февруари 2, 2015

Да излезе човек по Охридската чаршија и да спроведе анкета меѓу Охриѓани (толку колку шо ги имаТ) и да постави едно единствено прашање:

Шчо напрајфме со нашиот Охрид?

– Шо да напрајме ре, Нишчо ич… ако налеташ на  песимист.
– Како шо напрајфме – па све шо ветивме напрајфме… дури и појќе од шо ветивме… политичар.
– Појма немам шо напрајфме… ќе ти речит некој залутан ненаспан тинејџер…
– Види вака, напрајфме појќе од шо можевме, а многу помалу од шо требеше да напрајме… филозовски настроен соговорник
– Ние напрајфме држава, ама овие ја испокрадоја… вечити опозиционер.

Секој си има право на свое мислење и став, и секој си има логично образложение за својот став. Но ако сам човек се запраша што навистина направивме или некој те запраша одненадеж, а имаш само три минути да го кажиш она шо мислиш дека сме го направиле за нашиот Охрид, не е лошо ако вака одговориш:

Веројатно многу малку или скоро ништо, гледајќи и споредувајќи се со многу други светски, туристички, културни и уметнички центри, ама (секогаш има едно „ама“) дека имаме и ние нешто што влева надеж дека не е се така црно и безнадежно.

Не е се толку лошо, негативно и песимистички, како што катаден милуваме да критикуваме и хејтаме… ова нечиниТ, ова е за никаде, овај абер немаТ, се` е без врска… нечиниТ работава…

Има многу светли точки во целото ова сивило, и има многу, многу луѓе кои цело време упорно „прает“ по нешто и постигнуваат успеси и достигнуваат врвови. Сите тие тргнале од овој мал Охрид и секаде каде што одат несебично се „фалат“ дека доаѓаат од големиот Охрид, и се што прават – прават за да се чуе „шчо напрајле“ за нивниот град.

Оваа група на борци тргната е да освојува ѕвезди по дуњава. Неа не може да ја запре никаква политичка боја, верски симбол, влијателна личност, нити ненајдејни врнежи од снег во јануари. Кои се и што прават овие момци и девојки за својот Охрид дознаваме секојдневно слушајќи за постигнувањата на алпинисти, нуркачи, музички продуценти, велосипедисти, компјутерџии, композитори, стрелачи, гитаристи, едриличари, кајакари, кошаркари и рокери, фудбалери, пекари, лекари, аптекари, ди џеи, дискофили, радио водители, уредници, уривачи на Гинисови рекорди, колумнисти, новинари, менаџери, стендап комичари, актери и скејтери, кафанџии, галамџии, наланџии, бисерџии, кујунџии, патеписци, наратори, сликари, режисери, сценаристи и…

Сите овие се носители на надежта дека ова мало место има иднина, а најважно за нас е тоа што позивниот број на нивните „фиксни“ е 046.

За нив нема ни редовни ни вонредни избори, нема мандат, нема буџет, нема кампања, реклами, црвени килими и затемнети стакла. Тие незнаат за демагогија, за лажни вредности, за списоци, за скапи џипови, бунди од нерц и фенси лакирани чевли. За нив постои само желбата за достигнување на врвот, на кој, секогаш кога ќе го искачат, го ставаат знамето на кое ја има Самуиловата тврдина.

Нивните успеси, секој ден малку по малку создаваат соѕвездие. Тоа соѕвездие, во топлите летни вечери легнати на песокта на плажата во Љубаништа, нивните поколенија ќе го покажуваат на некоја туристка од братска Холандија, која дошла во монденскиот Охрид да го помине летниот одмор со високо буџетна авио компанија.

Вакви јунаци од секогаш имало и ќе има на овој езерски брег, и кои, покрај вековните премрежја, непријатели, кодоши, гавази, валии и кајмаками, ефендии и аскери успевале да се искачат до врвот од каде далеку се слушал нивниот глас.

Најбитно во сево ова е – да се зборува, да се пишува, да се шерова нивната приказна, за да трае подолго и да стигне подалеку.

Што подалеку се однесат овие позитивни приказни, толку повеќе ќе има гужва на плоштад, толку помалку место ќе има во Летница и „славицине“, толку повеќе ќе има деца по училиштата, кајчари на кејон, пазарџии во понеделник и „маратонци“ под терасите на ултра модерните бренд хотели.

Само тогаш познатата охридска изрека „немат љуѓе“ ќе можеме да ја напишеме на лист хартија и да ја ставиме во некоја витрина од музеите кои ги чуваат фактите за некои минати времиња.

Ето шчо напрајфме и шо требит да напрајме!

Александар Карали – адвокат

046 4 Zaednicka

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во четвртиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на февруари 2015. година до крајот на март 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат адв. Александар Карали, Спаско Костоски од здружението „ЕКУЛТУР“ и интернационалниот водич во планина Антонио Додевски.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука