март 27, 2018

Барселона, 27. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Најмалку 90 лица беа ранети во судирите со шпанската полиција во Барселона, каде што илјадници демонстранти протестираа поради апсењето на бившиот каталонски лидер Карлос Пучдемон во Германија.

Демонстрантите фрлале со шишиња, јајца, метални предмети и отпад кон полицајцитe, по што силите за одржување на редот испукале предупредувачки истрели и употребиле палки против насобраните. Протестниот марш се одржа од претставништвото на Европската комисија до германскиот конзулат.

Во безредијата по улиците на Барселона се ранети и осум полицајци, а најмалку четворица демонстранти се уапсени. На повик на радикалната сепаратистичка група „Комитети за заштита на републиката“, демонстрантите се собрале на Лас Рамблас, познатиот булевар во центарот на Барселона, извикувајќи „Слобода за политичките затвореници“ и „Пучдемон е нашиот претседател“.
Белгискиот адвокат на Пучдемон, Пол Бекарт, коментирајќи го завчерашното апсење на неговиот клиент во Германија, оцени дека Шпанија оди кон диктатура.

– Има многу причини поради кои Германија може да го отфрли европскиот налог за апсење, меѓу другото затоа што се користи за затворање политички опоненти. Претпоставувам и дека судијата ќе го земе предвид и фактот оти Шпанија оди кон диктатура, дека нема повеќе демократија, затоа што оние што беа избрани се во затвор – истакна Бекарт.

Германската полиција завчера го уапси Пучдемон на границата меѓу Германија и Данска. Тој се враќал од Финска, каде што престојуваше минатата недела по покана на фински пратеник. Пучдемон во петокот ја напуштил Финска во правец на Белгија на „неутврден начин“. Финската полиција завчера информира дека примила налог од Шпанија за негово апсење, но одговори дека не знае каде се наоѓа тој. Пучдемон е уапсен врз основа на меѓународната потерница, што во петокот вечер ја објави Врховниот суд на Шпанија, поради бунт и организација на референдум за независност на Каталонија. Според шпанскиот закон, доколку биде осуден, може да добие затворска казна до 30 години. Германскиот суд има рок од 48 часа по апсењето да се изјасни за негово условно ослободување и 60 дена да се изјасни за содржината на налогот издаден од Шпанија. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука