јануари 26, 2015

Охрид, 26. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Околу 640 матуранти од четирите општински средни училишта во Охрид денеска ќе бидат екстерно тестирани.

Екстерната проверка на постигнатите знаења на учениците од завршните години ќе се спроведува до 30-ти јануари. Првите луѓе на охридските сродношколски установи велат дека во текот на изминатиот период ги завршиле неопхопдните подготовки за непречено изведување на целокупниот процес.

Во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ екстерно ќе бидат тестирани 208 ученици. Во Средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“ се проверува знаењето на 110 ученици кои го заокружуваат средното образование за готвачи, келнери и хотелско-туристички техничари. Знаењето ќе се проверува и кај 170 матуранти од Електро-машинскиот училиштен центар „Свети Наум Охридски“ кои  во изминатите години го формирале средното образование во електро-техничката, машинската, сообраќајната струка или во струката лични услуги.

Во новоформираното училиште„Свети Кирил и Методиј“ екстерното тестирање е новина бидејќи досега учениците од економските и медицинските паралелки полагаа екстерен тест во охридската гимназија.

На крајот од учебната година, матурантите  ги очекува полагање и на државната матура. Останатите ученици (од прва, втора и трета година) ќе се тестираат кон крајот на оваа учебна година.

извор: ОхридПрес фото:архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука