ноември 24, 2019

Охрид, 24. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот министер за култура Хусни Исмаили му беше домаќин на министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, кој ја предводи кинеската делегација на 4. Министерски форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа, чиј домаќин е нашата држава.

Во Охрид високата делегација беше пречекана од градоначалникот Константин Георгиески. Во рамките на посетата на Охрид, делегацијата од Народна Република Кина ги посети: „Галеријата на икони”, црквата „Света Богородица Перивлепта”, археолошкиот локалитет „Плаошник” и црквата „Света Софија”, каде што имаше можност да се запознае со богатото културно наследство на овој град. За време на посетата, делегацијата прошета и низ Старата охридска чаршија, а посети и работилница за рачна изработка на хартија.

Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, на кој ќе присуствуваат делегации од земјите учеснички во Процесот „17+1″, официјално започнува утре во хотелот „Мериот” во Скопје. Во рамките на Форумот ќе се одржи панел-дискусија на која покрај македонските и министрите на НР Кина ќе се обратат министри, заменици-министри и други членови на делегациите од сите земји од Процесот, по што треба да биде усвоена Скопската декларација за соработка за наредните две години. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука