април 13, 2017

Струга, 13. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва од 20:00 часот, во холот при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе се одржи хорски концерт на мултиетничкиот вокален ансамбл „Симбиоза“.

Идејата на „Симбиоза“ се јавува во форма на мултиетнички, мултикултурен и образовен проект кој произлегува од секојдневната соработка на двајца млади просветни работници, Дамјан Темков (композитор) и Бехар Весели (диригент). Проектот „Симбиоза“ досега има реализирано шест концерти на реномирани фестивали.

Овој проект, иако најавен само како образовен, има многу поширока мултиетничка, спојувачка димензија, за што сведочи и самата програма. Публиката ќе може да слушне како македонските изворни песни „Параходот”, односно „Не си го продавај Кољо чифликот”, звучат и на албански – „Na leu dielli”, односно „A kan uje ato burime”.

Босанската севдалинка „Стаде се цвијече росом китити“, уште и на хрватски и српски јазик, познатата руска „Калинка”, уште и на германски, а ќе има изведби на песни на арапски и хебрејски, кинески и јапонски, додека познатата „La bamba“, во тријазична верзија: англиски (американски), шпански и мексикански.

Влезот за сите посетители е бесплатен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука