април 2, 2018

Охрид, 2. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од денес па се до 6-ти април на Филмската академија во Охрид ќе се одржува третото издание на фестивалот Feelmotion – филмски фестивал и интернационална средба на филмаџии, кој е во организација на студентите на ФИОФА – Филмска академија од Охрид.

Официјалното отварање на фестивалот е вечерва, а околу тоа што ќе се случува следниве пет дена во Институтот за филм во Охрид, во „Радио Корнер“ разговаравме со актерот Никола Кузелов, студент на Мастер студии по сценарио и дел од организацијата на фестивалот.

Супер радио: Каков фестивал е Filmotion?

Кузелов: Feelmotion е интернационален студентски филмски фестивал, кој што веќе трета година се одржува на Филмската академија во Охрид. Имаме гости од цел свет, се дружиме и многу ни е важно што разменуваме искуства. Годинава фестивалот се одржува под слоганот „Down the rabbit hole“.

Супер радио: Што се крие зад слоганот „Down the rabbit hole“?

Кузелов: Кога Алиса од земјата на чудата паѓа во зајачката дупка, таа влегува во еден нов, бесконечен, имагинарен свет. Така  го доживуваме и филмот, како еден нов, бесконечен свет, па оттука и инспирацијата за годинешниот слоган. Сакаме да ја повикаме публиката да „падне“ во нашата „зајачка дупка“, a за да биде интересно до крај не би сакал до крај да откријам што се` ќе има во неа.

Супер радио: Која е Вашата таргет публика, за кого е наменет фестивалот?

Кузелов: Филмот не ја бира својата публика и вратите на фестивалот во овие пет дена се отворени буквално за сите кои ја сакаат филмската уметност. Сите се добродојдени, да погледнат добри филмови, да се дружат и да разменат искуства со филмаџии од цел свет.

nikolakuzelovcorner1Супер радио: Бидејќи станува збор за интернационален фестивал, од колку држави ќе има учесници годинава?

Кузелов: Бидејќи јас не бев дел од тимот кој ја правеше програмата, во моментов не можам да се сетам на точниот број на држави од каде што ќе има учесници. Инаку имаме 46 филмови поделени во шест блока, по два блока на ден, од вторник до четврток. Покрај од Република Макеоднија имаме филмови од Полска, Мексико, Чиле, Албанија, Романија, Косово и уште многу други дружави.

Супер радио: Што е предвидено за свеченото отворање во просториите на Филмската академија во Охрид?

Кузелов: Официјалното отварање на фестивалот е вечерва во 19:00 часот со свечена церемонија. Потоа е проекцијата на косовскиот филм „Rooftop Story“ на Газменд Нела, по што ќе следи забава на ФИОФА каде ќе се забавуваме со студентите од „саунд“ отсекот од самата Академија. Влезот за сите посетители ќе биде бесплатен. Од денес па до петок во просториите на ФИОФА ќе биде поставена изложбата на фотографот Коста Дупчинов, насловена „Носталгија“.

Супер радио: Што предвидува програмата во текот на следните денови?

Кузелов: Од утре, трети април, започнува официјалната програма на фестивалот. Утре во 14:30 часот, истакнатиот чешки продуцент Ivo Mathé ќе одржи Мастер клас, потоа следат два блока проекции на филмови, едниот од 17:30 часот, а вториот е од 20:00 часот. Вториот Мастер клас е во среда од 14:30 часот ќе го одржи Bern Buder кој е член на Европската филмска академија, по што следат третиот и четвртиот блок филмски проекции. Помеѓу проекциите ќе има организирани друштвени игри и филмски работилници. На крајот на секој ден се организирани забави, на отварањето домаќините ќе ги забавуваат гостите со нивниот супер ФИОФА бенд кој е составен од студентите на ФИОФА, Mitrik [Room313] ќе има свој DJ сет на 3-ти април, а останатите денови се организирани забави во локалните охридски барови и дискотеки.

Супер радио: Програмата е навистина обемна. Колку луѓе се вклучени во организацијата на фестивалот?

Кузелов: Самиот фестивал е организаран од студентите на ФИОФА. Во органиацијата на овој настан се вклучени сите студенти, сите заедно го организираме и секој студент на некој начин учествува во реализацијата, но најмногу се ангажирани студентите од прва година.

Супер радио: Комплименти за промо видеото за фестивалот. Кој го направи?

Кузелов: Благодарам за комлиментите, инаку во промо видеото за Feelmotion 3.0 јас се појавувам само како актер, а видеото го направија Харш, Раде и Селма сите од отсекот камера на ФИОФА, тимот чија задача беше да изработи промо видео.

Супер радио: Која е целта на еден ваков фестивал и кои се Вашите очекувања?

Кузелов: Целта е што повеќе луѓе да присуствуваат на фестивалот и што повеќе луѓе да ги погледнат филмовите, што повеќе луѓе да вовлечеме во „зајачката дупка“ на имагинативност и креативност што ја нуди филмот како уметност. Очекуваме ова да прерасне во традиционален настан за размена на искуства и контакти на филмаџиите ширум светот. Очекуваме со секоја година фестивалот се` повеќе да се афирмира, а на охриѓани и сите гости да им приредиме одлични проекции на таленти, како од Република Македонија, така и од целиот свет.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука