Охрид, 31. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид во соработка со општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот, на симболичен начин со подарување на новогодишни лампиони и миризливи стикери со испишани порака за безбедно учество во сообраќајот, на охриѓани и на туристите кои во Охрид ќе ја прослават новогодишната ноќ, ќе им ја честита новата 2018 година.
– На овој начин, на сите граѓани ќе им посакаме здравје, лична среќа, деловен успех и се најдобро во годината што следува. Воедно, потсетуваме дека во текот на новогодишната ноќ, полициски службеници ќе бидат поставени на градскиот плоштад и приградските населени места, а сообраќајната полиција, ќе врши контрола на сообраќајот на целото подрачје. Целта е да се зголеми степенот на безбедност во градот, а граѓаните и туристите да се чуствуваат безбедно и сигурно во Охрид. Истовремено, укажуваме на неопходноста од воздржување на употреба на петарди и други нелегални пиротехнички средства за време на новогодишната прослава. Апелираме до сите возачи да не управуваат моторни возила под дејство на алкохол и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, велат од СВР Охрид и општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот.
Оваа превентивна активност ќе се реализира од 12:30 часот на булеварот „Туристичка“ наспроти бензиската на „Лук оил“ во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива