Македонија ја преслуша и Швајцарија и чекори кон квалификациите за ЕП!

Скопје, 27. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонската кошаркарска репрезентација направи голем чекор кон квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во 2021 година, затоа што во вториот натпревар, со 83-68 (38-36) го совлада вториот конкурент Швајцарија.

Тимот на Давитков со одлично второ полувреме и пред се добар старт на третиот период дојде до посакуваната победа над Швајцарците кои за „црвено-жолтите“ беа енигма и ги мачеа 25 минути. Противникот беше во егал до средината на третиот период кога на семафорот стоеше 41-40, а потоа следеше вистински „потоп“ и доминација на Македонија.

Двете селекции игра егал-натпревар уште од стартот, па се до финишот на првото полувреме. Дуелот тргна со резултат 6-6, а првото осетно водство го имаше Македонија, која водена од Стајиќ, кој врза неколку поени во низа, успеа да направи серија од 11-0 и да дојде до 21-12. Но, следеше голем пад во играта, посебно во одбраната, кој Швајцарија го искористи, па гостите изненадија, со погодени тројки возвратија со серија од 0-11, за предност од 21-23.

Селекторот Давитков беше приморан да повика тајм-аут по црните четири минути без постигнати поени, а сето тоа вроди со плод и добра игра на браќата Војдан и Дамјан Стојановски, кои ја држеа Македонија во чекор со залетаните Швајцарци. Млаѓан и Ковач го држеа гостинот во ритам и постигнуваа лесни поени од рекетот, а на полувремето, резултатот гласеше предност од два поени за „црвено-жолтите“ (38-36).

На стартот на вториот дел Македонија заигра далеку подобро, па водена од Стајиќ и Стојановски, со серија од 7-0 се одлепи на 47-40. Во средината на третиот период со поени на Хендрикс следеше и првото двоцифрено водство (52-42), а иако Швајцарија се доближи на минус шест (52-46), шутот за три на Македонија повторно профункционира, па преку Караџовски и Стојановски, нашиот национален тим дојде до 64-50, највисоки +14 на средбата на истекот на третата делница од мечот.

Швајцарците почнаа да форсираат шут за три да се вратат во мечот, но не успеваа да погодат, па поради неефикасноста, разликата на Македонија на семафорот растеше. Прво, беше 68-51, за потоа, на шест минути пред крајот да биде недостижни +20 (73-53), а до финишот, нашите кошаркари ја држеа предноста и не му дозволија на веќе демотивираниот гостин да се закани посериозно.

Кај Македонија шанса добија сите кошаркари и сите се запишаа во листата на стрелците. Најдобар беше Ричард Хендрикс, кој повторно беше лидер и заврши со 16 поени и 9 скока. По него следеа Стајиќ и Ѓуроски со по 11 поени, додека Дамјан Стојановски заврши со десет поени. Кај Швајцарија најмногу се истакна Млаѓан со 23 постигнати поени.

Наредниот меч од претквалификациите Македонија го игра во февруари, кога во Скопје ја пречекува Словачка. Последниот дуел, пак, е закажан на 28 јуни против Швајцарците во Фрибург. (Крај)

извор: Гол.мк фото: архива

scroll to top