февруари 21, 2017

Торонто, 21. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Европскиот парламент, или е неинформиран, или е анти-македонски? Ова се двете единствени можни опции. Чекаме одговор во прилог на итно повлекување на оваа бизарна резолуција“, се огласи Македонското меѓународно движење за човекови права од Канда, осудувајќи Резолуцијата со која што се вели дека Македонците во Албанија се „Бугари”.

Понатаму од движењето пишуваат:

– ЕП усвои резолуција со која што од Албанија бараат да ги заштити правата на своето „бугарско“ малцинство и тоа во региони во кои што живее македонско население. Уште и „препорачува, правата на лицата со бугарска националност во областите Преспа, Голо Брдо и Гора законски да се регулираат и спроведат во практика. Со оваа “бескрајна мудрост”, само и’ помагаат на Бугарија во нејзината мисија да го искоренат постоењето на македонското малцинство и на се’ што е македонско. Истовремено, ЕУ продолжува со својата политика да и помага на Грција, играјќи заедно со неа во вештачки-создадениот спор за името и обраќајќи и’ се на Македонија (по налог на Грција) со ПЈРМ, се вели во реакцијата.

За Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада, тоа е арогантен и расистички извештај со кој што само ја докажува ирелевантноста на таквите европски институции.

– Населението во овие области е македонско и тоа е факт прифатен од сите, вклучувајќи ги и бројните извештаи за човекови права од страна на истите тие европски институции, Европскиот суд за човекови права, Европската комисија против расизам и нетолеранција, ООН, американскиот Стејт Департмент, како и меѓународните организации за човекови права. Европратениците кои што гласаа за оваа апсурдна резолуција, нека одат и нека ги посетат Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, нека ги видат таму македонските развиорени знамиња и нека поразговараат со локалното население кое што веќе ја осуди оваа резолуција. ЕУ и ЕП продолжуват да им помагаат на своите држави-членки, Грција и Бугарија, во нивната бесрамна анти-македонска надворешна политика, се вели во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука