декември 15, 2021

Валета, 15. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Малта стана првата земја од Европската Унија која ги легализираше одгледувањето и личната употреба на марихуаната и се очекува нејзиниот историски потег да го следат и други европски држави.

Според законот што вчера го усвои парламентот, на лицата над 18 години ќе им биде дозволено да поседуваат до седум грама марихуана и во домашни услови да посадат најмногу четири стебла.

Пушењето во јавност останува забрането, исто како и во присуство на малолетници.

– Овој историски потег ќе спречи повремените корисници да се соочуваат со правниот систем, ќе го запре шверцот на дроги и на корисниците ќе им обезбеди безбеден и регулиран начин да купуваат марихуана, изјави министерот за еднаквост Овен Боничи.

Опозицијата го повика претседателот Џорџ Вела да не го потпишува законот. Според него, оние кои ќе бидат фатени со повеќе од седум, но помалку од 28 грама ќе платат казна до 100 евра, без да бидат заведени во системот.

Малта постави пример кој треба да доведе до реформи на законите за канабис и во други европски земји. Владите на Луксембург, Германија и Швајцарија веќе најавија воспоставување на законски уреден пазар на марихуаната, Италија ќе одржи референдум по ова прашање следната година, а и Холандија конечно планира да го регулира производството.

Во 2013 година, Уругвај стана првата држава на светот која целосно ја легализираше марихуаната, а пет години подоцна тоа го направи и Канада. (Крај)

извор: Сакам да кажам фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука