јуни 27, 2018

Охрид, 27. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Еко фестивалот „Аларм за природата“ е иницијатива за обединување на силите на зелената армија, музиката и уметноста, образованието и студентските организации, науката и технологијата, владините и невладините организации, сите во заедничка акција за соочување и решавање на проблемите со животната средина.

– Овој настан дел од корените ги влече од сега веќе култниот настан „Аларм“ кој се случи во 2002 година во автокампот Љубаништа, а крајната цел покрај забавата е мотивација за преземање на активна улога во заштитата и зачувувањето на природата и практикување на здрав начин на живот во хармонија со природата, вели Петар Матовски, дел од организацијата на фестивалот за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

Супер радио: Каков фестивал е „Аларм за природата“ и која е основната идеја која стои зад него?

Матовски: Овој фестивал е спој на музиката и екологијата. Основната идеја e да се популаризира концептот за обновување и зачувување на животната средина, да се разбуди чувството на поврзаност и меѓузависност помеѓу човекот и животната средина и свесноста за моќта на индивидуалното влијание врз природната околина и тоа преку активности и кои се интересни и атрактивни за младите.

alarmkorner2Супер радио: Има ли некаква врска овој фестивал со оној сега веќе култниот „Аларм“ за кој долго се зборуваше, на кој имаше над 10 илјади посетители, имаше три сцени, многу бендови и дј-и, оној „Аларм“ кој се случи во Охрид во 2002-ра година во автокампот „Љубаништа“.

Матовски: Да, поврзани се. Всушност организацијата на „Аларм“ од 2002-ра од Љубаништа и нашата организација се споија во 2010 година и така настана „Аларм за природата“. Во 2013 година настанот беше организаран во Дојран, а оваа година сме во Стурга, во Ливадишта.

Супер радио: „Аларм за природата“ кога ќе се одржи годинава? Влезниците колку чинат и каде може да се купат?

Матовски: Годинава еко-фокусот го ставивме во општина Струга, во автокампот „Ливадиште“, а ќе се случува од 28-ми јуни до 1 јули. Билетите може да се купат преку продажната мрежа на www.kupikartizase.com.mk. Еднодневен билет чини 300, а билет за два дена чини 400 денари.

Супер радио: Музичката програма е сконцентрирана во два дена. Почнува во петок од 21:00 часот и исто како и во сабота ќе трае до раните утрински часови. Каков е лајн-апот, кој се` ќе настапи?

Матовски: Во петок од 21:00 часот ја имаме музичката хип-хоп композиција со наслов „Мајка Планета“, од 21:30 часот натапуваат раперите „Conquering Lion“, од 22:30 „Милко“, од 23:30 „Културно уметнички работници“ и од 00:30 дј сет на „Rootbay Selector“. Во сабота почнуваме со „Аграр Бенд“, од 21:30 часот „Muhamed Ibrahimi“, од 22:30 часот „Мугер Фугер“, во 22:30 часот „Нокаут“ и 00:30 дј сет на „BTKRSH“.

Супер радио: Освен музичките, какви се други активности се предвидени во рамките на „Аларм за природата“?

Матовски: Овој фестивал како што кажав е симбиоза од музика и екологија, па така освен музички настани, имаме и еко акции, работилници, презентации, ликовна колонија за слики за чиста животна средина, еколошки тимски предизвици, предавања на тема рециклирање, потоа за влијанието на екологијата врз луѓето и уште многу други теми и активности околу кои може повеќе да се информирате на преку Фејсбук настанот „Аларм за природата 2018“.

Супер радио: Пред крај, каква е целта на фестивалот „Аларм за природата“?

Матовски: Овој фестивал е иницијатива за обединување на силите на зелената армија, музиката и уметноста, образованието и студентските организации, науката и технологијата, владините и невладините организации, млади и стари, сите во заедничка акција за соочување и решавање на проблемите со животната средина. Крајната цел е мотивација за преземање на активна улога во заштитата и зачувувањето на природата и практикување на здрав начин на живот во хармонија со природата.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука