февруари 6, 2015

Москва, 6. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Кремљ ќе ги прими германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд на разговори во врска со решавање на конфликтот во Украина.

Меркел и Оланд претходно веќе се сретнаа со украинскиот претседател Петро Порошенко, но ситуацијата во Украина е толку напната што претстојната средба во Москва се покажа како неизбежна.

– Ние сме подготвени да разговараме во конструктивна атмосфера, за да стигнеме до взаемно прифатливо решение кое ќе придонесе за стабилизација на ситуацијата во Украина и за да се постигнат директни контакти меѓу Киев и Донбас со цел за да биде ефикасна работата на контакт групата, рече советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.

Тој најави дека денешните преговори на највисоко ниво треба да започнат околу 17:00 часот по локално време, а пред тоа се предвидени разговори на претставници на тројцата раководители.

– Причина за средбата Путин-Меркел-Оланд е влошувањето на ситуацијата во Украина, посочи Ушаков.

Претседателот на Украина, Петро Порошенко по средбата со Меркел и Оланд изјави дека „Преговорите даваат надеж за прекин на огнот“.

– Европската унија покажа единство и солидарност за украинското прашање. Ова е многу важно за нас, истакна Порошенко.

Министерот за надворешни работи на Украина, Павел Климкин нагласи дека врз Украина не е извршен никаков притисок, и дека Франција и Германија помагаат за враќање на мирот. (Крај)

извор: ОхридПрес/ИТАС-ТАСС фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука