Милано, 27. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По долго молење и многу толеранција Милан му врачи отказ на Винченцо Монтела. Некогашната ѕвезда на Рома, не им направи голема услуга на „росонерите“ оставајќи го тимот на седмото место во Серија А, со шест победи од 14 меча.
Ремито без голови со Торино, овој викенд, ја прели чашата – Монтела мораше да си оди. Милан утрово објави соопштение за разделбата со тренерот, но веднаш објави и кој ќе го замени – Џенаро Гатузо.
Тој досега беше тренер на младинската екипа на Милан, а ова ќе биде прекоманда во нагорна линија. Меѓутоа, откако влезе во тренерските води Гатузо не се прослави многу. Од 2013 година, кога беше играч-тренер на Сион, до сега смени пет екипи, што не говори баш за истрајност и квалитет. По Сион го презеде Палермо, потоа ОФИ, две години (најмногу) остана во Пиза и на почетокот на сезонава ја презеде младинската екипа на Милан.
Сепак, Гатузо е легенда на „росонерите“ со 14 сезони и 387 натпревари стаж зад себе и ќе има поинаков третман, пред се од навивачите. Тие многу не го милуваа Монтела, кој го презеде тимот на почетокот на минатата сезона и во 64 натпревари оствари 32 победи – точно половина. (Крај)
извор: Спорт1.мк фото: архива