март 5, 2020

Скопје, 5. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче ќе предложи до Владата, препораката да не се одржуваат јавни собири и спортските натпревари да се одржуваат без публика да се продолжи за уште една недела, односно до 13-ти март.

Владата ја донесе препораката минатата недела со важност до 6-ти март, но како што рече денеска Филипче, по утринскиот состанок со епидемиолози и стручни лица од Управувачкот комитет во Центарот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести, се предлага мерката да се продолжи.

– Мерката се должи на фактот дека бројката на заразени со коронавирус се зголемува, и според последните податоци од Светската здравствена организација, во Европа стигна до 4.250, што е за илјада повеќе од вчера. Трансмисијата е локална, во нашиот регион има еден случај во Словенија, и два во Република Српска, изјави Филипче.

Тој кажа дека разговарал и со македонскиот конзул во северна Италија, кој му рекол дека со оглед на тоа дека училиштата и универзитетите се затворија до 15 март, голем број македонски државјани сакаат да се вратат во земјава. Ќе се разговара со нив, тоа да се направи со претходна најава, рече Филипче, со цел подобра координација на здравствените власти.

Министерот додаде дека утрово разговарал со мобилните оператори и работат на техничко решение со кое, сите странци кои влегуваат во земјава, штом се приклучат на некоја од нашите мрежи да бидат известени со посебна порака што да преземат ако почувствуваат симптоми на коронавирус.

Патниците кои од вчера доаѓаат во земјава со авионите на „Визер“ од Милано и Тревизо на аеродромите во Скопје и во Охрид пополнуваат здравствена локатор карта. Патниците ги пополнуваат прашалниците во авионите, и тоа е, како што рече Филипче, стандардна процедура при вакви ситуации како што е коронавирусот. (Крај)

извор: СДК фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука