февруари 27, 2015

Охрид, 27. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Билјана Митаноска е сопственичка на салонот за убавина „Бјути тач“. Од искуството што го стекнала со работењето во текот на изминатата година вели дека охриѓанки се повеќе обрнуваат внимание и на својот надворешен изглед.

Вели дека најважно е по третманите, најпрвин таа биде задоволна. Ако сум јас задоволна, тогаш се задоволни и муштериите, вели таа во интервју за OhridPress и Супер радио.

Супер радио: Од каде произлезе идејата за отворање на еден ваков салон за разубавување?

Митаноска: Идејата кај мене се роди многу порано пред да се отвори самиот салон. Можеби е дел заради љубов кон оваа работа, но дел и заради обезбедување егзистенција. Времињата се такви какви што се, и кога се создадоа услови за тоа, го отворив салонот. Мојата струка е технолог, но оваа работа претставува надополнување на струката. Ми беше многу интересен брендот со кој работам сега. Најважно е што ми нудеше и ми гарантираше квалитет и така се одлучив за отворање на салонот. Пресудно беше што позади мене стоеше бренд којшто ќе ми гарантира стабилност и квалитет во козметиката, апартурата и стандардите.

Супер радио: Салонот за убавина го отворивте минатата година. Од ова што го кажавте, значи ли тоа дека имавте успешен старт во овие води?

Митаноска: Започнавме со елан и желба да се работи оваа работа. Сметам дека тоа е пресудно. Инаку, ништо не е тешко да се сработи. Понатаму, времето ќе покаже што сме направиле.

Супер радио: Велат дека најмногу внимание на себе посветуваат битолчанките, но сведоци сме дека во Охрид во последните години се отвораат се повеќе козметички салони. Колку пак, охриѓанки се грижат за својата надворешна убавина?

Митаноска: Констатацијата Ви е на место. За битолчанките досега се зборува дека посветуваат големо внимание на својот физички изглед и навистина е така. Но ме радува што и охриѓанки се повеќе се грижат за својата убавина. Надвор секојдневно гледаме од девојчиња до госпоѓи во поддминати години, средени, дотерани, што навистина е добро за око. Веројатно и самото  темпо на живот налага да се обрнува повеќе внимание на себеси, состаноци, контакти со луѓе, добро е жената да биде средена. Со текот на годините можеби и ќе ги надминеме битолчанките во овој поглед.

Супер радио: Кој најчесто го посетува Вашиот салон, помладите девојки или пак повозрасната женска популација?

Митаноска: Наша таргет група е возраста од 16 години нагоре. Со третманите што ги имаме, можеме да покриеме широк спектар на девојки и жени. Интерес има и од едните и од другите, меѓутоа, гледам дека повеќе доаѓаат повозрасните.

Младите најчесто се борат со пубертетските проблеми, со мозолчињата, а можеби се уште не се свесни дека можат да се обратат некаде каде што кожата нема да им биде подложена на агресивни третмани и нема да излезат од салонот со отоци. Кај нас третманите се неагресивни, а проблемите се решаваат.

Супер радио: Какви се тие неагресивните третмани на лицето?

Митаноска: Со оглед на тоа што искуството е долгогодишно бидејќи „Гинот“ постои веќе 50 години, посветено се работи на проблемите што се поврзани со делот на разубавување и обновување на кожата. Успеале да осмислат и апаратура и козметика поврзана со таа апаратура така што ќе им помогнат на младите да ги решат своите проблеми без да ги измалтретираат лицето и кожата.

Самиот третман вклучува термална електрода, соодветни гелови за нивната кожа.  Со тоа  предизвикуваме топење на себумот односно нечистотијата која се собрала и ги затворила порите на кожата  така што нечистотијата излегува на површина без да се стега кожата.

biljanamitanoska2

Супер радио: „Гинот“ има салони насекаде во светот, па и во Македонија и Охрид. Третманите насекаде се исти?

Митаноска: „Гинот“ има 11 илјади салони низ целиот свет, поточно во 70 земји. Обуките што ги применуваат врз нас терапевтите за убавина се насекаде исти. Протоколите и третманите  се исто така исти. Каде и да одите во салоните на овој бренд низ светот, ќе го добиете истото што и овде кај нас.

Супер радио: „Бјути тач“ е единствениот салон во Охрид кој работи со оваа француска фирма?

Митаноска: Да, нашиот салон ги покрива Охрид и Струга. Единствено ние сме лиценцирани зашто таква е политиката на фирмата еден салон за еден град.

Супер радио: Каде ги стекнувате обуките на оваа реномирана француска фирма?

Митаноска: Лиценцата ја имаат купено Македонци кои веќе десет години го шират брендот со којшто работиме. Тие ги одржуваат обуките во нивниот салон во Скопје. Бренд-менаџер е доктор Маја Петаноска. Сите новини ни ги пренесува таа. Сега имаме два нови третмани, за кои таа беше во Париз на специјална обука, а наскоро треба да ни го пренесе стекнатото искуство и нам.

Супер радио: Како е да се работи во салон за убавина. Веќе рековте, вашата прва професија е технолог, а сега и терапевт за убавина. Што е полесно за една да работи?

Митаноска: Се е лесно ако сакаш да го работиш нештото. Интересни  се и двете професии. И во двете има комуникација со луѓе. И во двете има понекогаш гужва, комуницираш и чекаш резултати, така што нема некоја голема разлика. Можеби работењето во салон за убавина е посмирена работа.

Супер радио: И двете се одговорни професии. Но во втората, се работи за третмани врз човечкото тело, што претпоставувам носи и голема одговорност. Како се справувате вие?

Митаноска: Одговорна е зашто треба да се оцени секој што ќе побара Ваша услуга, во смисол, да му ја оцениш кожата. За да се добие резултат, најпрвин треба да се утврди што треба да се работи. Следуваат еден, два третмани, и се  чека да се види успешноста.

Од друга страна се шират и искуствата во животот зашто запознаваш секојдневно нови луѓе.

biljanamitanoska3

Супер радио: Ова можеби ќе звучи како субјективна оценка, но колку оние што го посетуваат Вашиот салон се задоволни од направениот третман?

Митаноска: Сакам да кажам дека и јас сум задоволна од резултатите. Гледам секогаш прво јас да бидам задоволна, а потоа и муштериите. Зашто ако јас сум задоволна од сработеното, тогаш сум сигурна дека и муштериите немаат забелешки. Досега не се случило некој да излезе незадоволен од резултатите  што сме ги постигнале без разлика за каков третман станува збор.

Супер радио: Што влегува во понудата на салонот „Бјути тач“?

Митаноска: Настојуваме да имаме комплетна понуда. Покрај третманите на „Гинот“ кои ни се првична определба, работиме и на надградба на нокти но надвор од  овој француски бренд, имаме професионална шминка, дневна, невестинска, потоа депилации, парцијални, медицински, релаксирачки и антицелулитни масажи што ги изведува терапевт.

Она што е најново, од денеска започнуваме соработка со професорката Ангела Василевска од Факултетот за туризам во Охрид. Таа ќе дава нутриционистички совети за здрава исхрана и диети на заинтересираните кои доаѓаат во нашиот салон. Секој петок во времето од 17:00 до 19:00 часот професорката ќе остварува индивидуални консултации со оние кои имаат потреба од тоа.

Супер радио: Сосема на крај, да кажеме и збор-два за козметиката што ја употребувате вие. Рековте дека е квалитетна, но на што се должи таквиот квалитет?

Митаноска: Козметиката на „Гинот“ се произведува по ИСО-стандардите што значи ги запазува највисоките стандарди во козметологијата. Не содржи парабени, не соджи генетски модифицирани сотојки и не се тестира на животни, туку буквално од луѓето вклучени во самото производство. Имаме и козметика односно кремови кои содржат 56 активни состојки и кои  во болнички услови комплетно ја обновуваат кожата, посебно ако се работи за изгореници на кожата, ваквите кремови ја регенерираат.

Затоа и на почетокот од интервјуто кажав, дека зад мене стои фирма што гарантира квалитет и тоа ми дава огромна сигурност во она што го работам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука