јуни 27, 2019

Охрид, 27. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот кореограф и танчер од студиото за танц „Соната“ Михаил Талев освои прва награда за млади кореографи на танцовата лига „Beatrix Dance League“.

Станува збор за настан кој им овозможува на младите танчери и кореографи, преку семинарите со искусни светски танчери, да го подигнат нивото на работа, а преку натпреварувачкиот дел да ги покажат своите квалитети.

Во натпреварувачкиот дел Талев учестувaше во категориите „Beat-making battle“ и „All styles battle“, но најмногу успех покажа во категоријата „Young Choreographers Contest“, каде стручното жири со едногласна одлука го избра за победник во категоријата млади кореографи.

– Најмногу се ценеше естетиката, складноста со музиката, оригиналноста и креативноста во кореографијата. Од стручното жири добив многу пофалби, особено за креативноста, која рекоа дека била клучна за да ја освојам првата награда, а во предвид го земале и тоа што сум ги „оставил“ своите чувства на сцената, рече Талев за емисијата Радио Корнер на Супер радио.

Наградата се состои во бесплатна котизација за танцовата лига „Битрикс“ за следната година, која изнесува 200 евра, а каде Талев ќе има можност да држи семинар, рамо до рамо со светски кореографи.

– На сето ова гледам како на можност да се „турнам“ уште понапред во тоа што го работам. Ќе работам напорно за да бидам уште подобар и поподготвен, затоа што на танцот не гледам само како на хоби, туку можеби и како на моја идна професија, истакна Талев.

Петотто издание на „Beatrix Dance League“, а се одржа во Скопје од 8-ми до 17-ти јуни, во организација на студиото за танц „Beatrix “од Скопје.

Image result for Sky Corner Ohrid

Емисијата Радио Корнер се емитува секој работен ден со Александра Алексијевска од хотелот Sky Corner во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука