јули 5, 2019

Охрид, 05. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид викендов по втор пат ќе биде домаќин на ЕТУ Триатлонскиот европски јуниорски куп и Отвореното национално првенство 2019, во организација на Македонската триатлон федерација и локалниот организатор „Спорт за сите, сите за спорт“.

Годинава ќе се натпреваруваат околу 200 учесници од 20 земји, а покрај спортска, целта на организацијата на овој настан е натпреварувачите да се запознаат и да уживаат во убавините на Охрид.

– Охрид го препознавме како дестинација и база на овој триатлон и затоа сме повторно тука, да ги искористиме извонредните природни ресурси на Охридското езеро и амбиентот кој го имете тука. Сакаме натреварувачите кои ги носиме да го видат македонскиот бисер, да ги видат кристално природните води на езерото и одличниот амбиент на градот, рече претседателот на Македонската триатлон федерација Иван Михајловски, кој беше денешен гостин во емисијата Радио Корнер на Супер радио.

За деталите околу настанот, за посебниот сообраќаен режим во градот, како и за идните планови на овој настан прочитајте повеќе во интервју за Супер радио и OhridPress.

Image may contain: 2 people, people smiling, people sitting

Супер радио: Ова ќе биде второ издание на Триатлон викендот во Охрид. Со каква цел го создадовте овој спортски настан, колку сте задоволни од ланското, прво издание и какви се очекувањата од престојното?

Михајловски: Уште лани во Охрид го донесовме триатлонот, односно најбрзо растечкиот спорт во светот, а Европа го препозна нашиот успех и заедно со Асоцијацијата „Спорт за сите, сите за спорт“ и Триатлон федерацијата на Македонија добивме награда како Федерација со најголем подем во Балканскиот, Балтичкиот и Источноевропскиот регион и со тоа ни беше доделена можноста годинава да организираме Европски јуниорски куп, кој ќе се одвива два дена. Подготовките се завршени, очекуваме да донесе вистинско спортско доживување за сите учесници и дека ќе биде интересно искуство за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката. Се надеваме дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид.

Супер радио: Што конкретно ќе се случува во сабота, на 6-ти, а што во недела на 7-ми јули?

Михајловски: Во сабота, на 6-ти јули во хотелот „Unique“ се подигнуваат стартните пакети, а имаме и запознавање на учесниците со патеката. Од 13:00 до 13:30 часот на плажата Buffalo Beach, по булеварот „Туристичка“, до „Инекс Олгица“ сообраќајот ќе биде затворен, односно ќе се одвива по едната коловозна лената, за натрпреварувачите во тој половина час да ја запознаат велосипедската траса. Потоа натпреварувачите се враќаат на плажата Buffalo Beach да ја запознаат патеката за пливање. По поделбата на стартните пакети, имаме брифинзи по категории, затоа што покрај Јуниорскиот триатлон куп имаме и Национално триатлон првенство, каде што имаме и повеќе категории, според возраста и според тоа дали учеството е рекреативно или професионално.

Супер радио: Кој дел од градот и во кој период, поради Триатлон викендот во Охрид ќе има посебен сообраќаен режим?

Михајловски: Пред се’ би сакал граѓаните и туристите да имаат разбирање за посебниот сообраќаен режим кој ќе го имаме во недела. Верувам сите заеднички почитувајќи ги правилата ќе се покажеме како добри домаќини. Сообраќајот на потегот од кружниот тек пред СРЦ „Билјанини Извори“ до кружниот тек пред влезот за хотелот „Инекс Олгица“ во правец Охрид-Св. Наум ќе биде затворен за сообраќај во периодот од 07:30 до 16:30 часот. Сообраќајот ќе се одвива двонасочно во другиот дел од патот, правец Св. Наум – Охрид. Ние како организатори само во тој дел имаме ангажирано 30 волонтери и редари. Ќе има многу ознаки, а тука ќе бидат и припадниците на СВР Охрид. На овој потег ќе се одвива велосипедската трка. Пливањето во должина од 750 метри ќе биде на плажа „Buffalo Beach“, а ќе се трча на патеката „Студенчишта“.

Супер радио: Годинава повеќе интерес има од рекреативци или професионалци?

Михајловски: Ние поддеднакво го развиваме триатлон и во поглед на рекреативците и професионалците, но годинава имаме повеќе интерес од рекреативци. Тоа особено не радува, бидејќи наша цел е на триатлонот во иднина да имаме што повеќе рекреативци, тоа се оние на кои помладите ќе се огледаат, тие се родители, баби, дедовци итн, тие се пример за дечињата, односно нашите идни триатлонци.

Image may contain: 2 people, people smiling

Супер радио: Колку натпреварувачи од колку земји ќе се бидат дел од Триатлон викендот?

Михајловски: Имаме околу 200 натпреварувачи од 20 земји, од кои 40-тина се дел од Европскиот јуниорски куп, а останатите од Националното триатлон првенство.

Супер радио: Колку нашата средина е зрела и има ли Охрид добри услови за оджување на вакви спортски натпреварувања?

Михајловски: Ние го препознавме Охрид како дестинација и база на овој триатлон и затоа сме повторно тука, да ги искористиме извонредните природни ресурси на Охридското езеро и амбиентот кој го имете тука. Сакаме натреварувачите кои ги носиме тука да го видат македонскиот бисер, да ги видат кристалните природни води на езерото и одличниот амбиент на градот. Охрид има извонредни услови за триатлон.

Супер радио: Пред крај, какви идни цели како организација си имате поставено за престојните изданија на триатлонот?

Михајловски: Заедно со Асоцијацијата „Сите за спорт, спорт за сите“ цел ни е самата организација од година во година да ја подигнуваме ниво погоре. За сето тоа да се случи од големо значење ни е поддршката на општина Охрид, потоа СВР Охрид, во поглед на асистнцијата околу сообраќајниот режим за време на одржување на триатлонот, потоа благодарност за Агенцијата за млади и спорт која го помага овој настан, но и за Олимпискиот комитет, на чија веб страна ќе биде достапен видео материјал од самиот настан. Идните планови вклучуваат да имаме што повеќе натпреварувачи, но главна цел ни е и доближување на оваа спортска дисциплина до публиката, односно до обичните граѓани, кои сакаме да ги поттикенеме рекреативно да ни се придружат во што поголем број. Планираме догодина малку да ја измениме трасата и со тоа што ќе ја финишираме во центарот на градот, како што се Вашите познати трки „Охрид трчаТ“ и „Ohrid Trail“.

Image result for Sky Corner Ohrid

Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука