февруари 24, 2020

Скопје, 24. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за надворешни работи, согласно информациите добиени од Генералниот конзулат на Република Македонија во Венеција – Италија, информира дека до овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени од коронавирусот.

– Според последните информации, потврдени се 159 случаи на заразени лица со коронавирус. Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот. Министерството за надворешни работи препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период. Повеќе информации можете да добиете на travel.mfa.gov.mk. Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23.000 државјани на Република Македонија. Подетални информации околу развојот на состојбите, тие можат да добијат во Генералниот конзулат во Венеција на дежурниот телефонски број + 39 389 5837913 или е-маил venice@mfa.gov.mk. За дополнителни информации ќе бидете навремено информирани, додаваат од министерството.

Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат на од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид. Ова е една од одлуките на Комисијата за заразни болести, која заседаваше денес по новонастаната состојба со корона вирусот и проширувањето на вирусот во Италија. Степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво, а Комисијата донесе и нови, зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи, закажан за 17:00 часот.

Во Италија живеат и работат голем број лица кои се со потекло од Охрид, Струга и околината. Исто така се бројни и туристичките посети на оваа земја, пред се’ поради пристапните авио летови со нискобуџетните компании. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука