март 15, 2020

Скопје, 15. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за надворешни работи (МНР) преку Координативното тело за помош и поддршка на државјани на Република Македонија кои, поради новонастанатата ситуација со Корона вирусот (COVID-19), се наоѓаат затекнати на граничните премини на други држави и аеродроми, оствари мноштво контакти и разговори како со засегнатите наши граѓани, така и со различни институции во државата и во странство со цел изнаоѓање на решенија и давање соодветни информации и совети.

– По интензивна комуникација и координација со наши граѓани кои се враќаат во државата, како што е случај со тие од Малта, Шпанија или транзитирањето низ Република Србија и Република Албанија, се преземаат најсоодветни можни решенија, во услови на менување на околностите на дневна основа. Во Малта нашите граѓани се упатуваат за враќање во државата преку аеродромот во Истанбул, во Шпанија, како земја со висок ризик, се изнаоѓаат алтернативни дестинации и транзити како нашите граѓани би можеле да допатуваат во Скопје, што е случај и со аеродромот во Белград, а се работи и во координација со соседна Албанија, информираат од МНР.

Додаваат дека дополнително било одговорено на голем број прашања на наши граѓани кои се соочуват со практични проблеми поврзани за престојот во странство, патување низ територијата на државите во Европа, како и можноста за нивно враќање во државата.

Министерството за надворешни работи прави напори за надминување на ваквата состојба и остварува постојана комуникација со сите заинтересирани страни, согласно мерките и препораките на Владата на Република Македонија, како и согласно мерките на другите држави во кои престојуваат или транзитираат нашите граѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука