мај 8, 2023

Скопје, 8. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – За два дена на eлектронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на албански јазик пристигнале десетина пораки, информираат од министерството за образование и наука.

Дел од пораките се однесувале на врсничко насилство, како и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст. Додаваат дека секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки.

– Со отворањето на електронската адреса, Министерството за образование и наука воспоставува брз, доверлив и безбеден начин, преку кој учениците, родителите и граѓаните можат да пријават инциденти, како дел од системот за идентификување и запирање на непосакуваните однесувања. Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина. Во консултација со експертската заедница, дополнително ќе ги зајакнеме превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите, стои во информацијата од министерството.

Потенцираат дека училиштата мора да бидат безбедна средина каде ќе се одвива воспитно-образовниот процес и како министерство ќе ѝ предложат на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука