декември 20, 2021

Скопје/Охрид, 20. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука објави повторен конкурс за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Македонија за студиската 2021/2022 година.

Конкурсот е за вкупно 1.205 места во девет студентски домови во Скопје, Охрид, Битола, Штип, Прилеп и Тетово. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за пријавување почнува денеска и ќе трае до 31-ви декември 2021.

Студентите во Охрид можат да конкурираат за 113 слободни легла во студентскиот дом „Никола Карев“.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на овој линк. Доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.

– Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи се до нивното пополнување, но најдоцна до 31 јануари 2022, наведува МОН во објавениот конкурс, во кој се содржани информации за начинот на аплицирање и за потребните документи. (Крај)

извор: МОН фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука