мај 5, 2024

Охрид, 5. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

Некаде околу 70-тите години почнаја да игрет фудбал на Велигден и стари и млади

Порано, градов ко не беше толку раширен, ко немаше олку згради, појкето од луѓево живеевме во куќи. Имаше големо дружејне меѓу луѓето во малите. Постарите м’жи се береја во дворојте со калдрма на по една ракија или вино. Жените се береја пред куќи или пред дворојте седнати на клупи или големи мазни камејна со плеталото в р’це и гледаја кој врвит, како врвит.

Ние децава се беревме да играме разни игри низ дворојте и бавчите. Овде ќе спомнам иако и друг п’т сме пишеле за играјнето фудбал по малите. Секоја мала си имаше место к’ј шо децата играја фудбал. Тогаш не ни беа потребни сали, стадиони. Доволно беше да најме некоја ливада со трева, ќе наместевме по два камејна од двете страни за голој и игравме. Ногу п’ти игравме и на улица зато шо тогаш немаше возила ко сега, а ногу се играше и по школските дворој. Тука не не’ оставаја да играме служителите зато шо ногу п’ти им кршевме џамој. Немавме сите фудбалски лопки, игравме со пластични, со истушени лопки а и со гумени кои скокаја и бегаја далеку. На кој места се играше?

Ние од Долна влашка мала игравме во Гимназија, на мегданон к’ј Б’ндевци, а имаше една ливада меѓу Гимназија и сегашниот кружен тек. Од Горна Влашка мала играја во МУЦ (тогаш се викаше Индустриска). Месокастрани и Варошани играја во школана Свети Климент, од Сараишче играја во дворот од црквата Света Софија, од Канео играја во Имарет. Од Крст џамија играја во школата Братство Единство. Карабегомалци, Кошишчани и од Воска имаја и тие свои места за играјне.

Од ко се напрај полигонот со асфалт скоро сите деца од градов се префрливме да играме на полигон (имаше два,три терени со асфалт, а имаше и ливада со трева). Тогаш беше тешко да се фатит ред за играјне зато шо отсекад е идаја тука за играјне, а ногу п’ти идаше и до расправајне и бијајне кој да играт.

Најорганизирани беја Месокастрани и секогаш тие имаја по неколку екипи. Секогаш во Месокастро имаше добри фудбалери во мал фудбал а ќе ги спомнам појкето шо ги памтам: Влатче, Саричко, Кире попчево, Љамбе, Илче Бабаче, Кире Ботич, Чекреџи, Мише, Кире и Круме Мострови, Климе Фармак, Ѓоко Беле, Димо Здраве, Пурик… Од тогаш помладите, а сега пензионери Циро, Чорбе, Сидор, Љупчо Василев, покоен Љубац, од другиве мали со нив играја Симонче, Миле и Љупчо Ќосе. Здравко Маленко и Колчо беа појке свртени кон кошарката. (Имат и други ама нив ќе ги спомнет Циро и Чорбе).

Некаде околу седумдесеттите години почнаја да игрет на Велигден стари и млади. Разликата меѓу стари и млади тогаш беше пет до осум години. Се играше на полигон и се играше по јајца. Од тогаш и остана традицијата на Велигден да игрет стари и млади. Тука ќе се вратам на почетокот и морат да ги пофалам Месокастрани дека ушче к’ј нив постојт дружејнето како шо беше некогаш. Најзаслужни за ова се Љамбе, Циро и Чорбе (некој ако испушчам дополните). Сега се играт на игралишчето од Свети Климент ама сега разликата меѓу екипите е над триесет години. Ова веќе е станато традиција и тука се берет да гледет луѓе од цел град.

Можда требит градов да му дајт на вакви манифестации поголемо значејне бидејќи ретко к’ј нас некоја традиција останала толку долго. Ова можит да станит и туристичка атракција зато шо Охрид во овие деној е полн со гости.

Ристос воскресе и честит Велигден на сите шо го славет!

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука