февруари 24, 2020

Рим/Охрид, 24. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Околу 64 илјади државјани на Македонија живеат во Италија, од кои околу 12 илјади во Венето и околу четири илјади во Ломбардија, двата северни региона во јужната европска земја, во кои има изолација на 11 населени места поради епидемија на коронавирусот.

Ова се статистички податоци од италијанскиот сајт ТутиИталија. Податоците се од 2019 година, а засега нема официјални информации од нашите надлежни органи за состојбата со македонските државјани во овие два италијански региона, каде се воведени вонредни мерки.

Во Италија живеат и работат голем број лица кои се со потекло од Охрид, Струга и околината. Исто така се бројни и туристичките посети на оваа земја, пред се’ поради пристапните авио летови со нискобуџетните компании.

Image result for коронавирус Италија

Италијанските власти предвреме ќе го затворат и прославениот карневал во Венеција среде најголемото ширење на коронавирусот во Европа. Тој заврши вчера, два дена порано од планираното.

Италија има најголема бројка заразени со коронавирусот во Европа, 152, при што три лица починаа. Притоа се применети строги мерки на карантин во десетина градови во северните региони Ломбардија и Венето, што опфати околу 50.000 луѓе. Во нив никој нема да смее да влезе или излезе без посебна дозвола во наредните 14 дена. Дури и надвор од таа зона се затворени голем број училишта и јавни објекти и се откажани спортски настани, што опфати и неколку натпревари од италијанското фудбалско првенство.

Image result for коронавирус Италија

Во меѓувреме двајца кинески инженери, кои работат на автопатот Кичево-Охрид две недели ќе бидат во карантин во кичевското село Извор. Според првичните анализи двајцата Кинези по пристигнувањето на аеродромот во Скопје биле негативни на вирусот и на други респираторни заболувања, но сепак тие се ставени на 14-дневен надзор.

Според најавите, првите тестирања на вакцината на коронавирусот треба да почнат во април. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука