Охрид, 2. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општинската организација на Црвен крст Охрид го најавува почетокот на пролетниот циклус од едукативната програма „Час за детски приказни на англиски јазик“ кој ќе започне на 16-ти овој месец.
Проектот ќе трае 14 недели.
„Час за детски приказни на англиски јазик“ е програма која постои повеќе од 8 години во рамките на програмските активности на Црвен крст Охрид и е наменета за деца од 4 до 7 годишна возраст. Оваа интересна програма овозможува поттикнување и развој на креативноста, емоционалната сигурност, хуманоста и солидарноста кај децата уште од најмала возраст. Тимот волонтери кои ја водат програмата, на забавен и интерактивен начин ја поттикнува љубовта кон книгата и знаењето и користењето на англискиот јазик кај дечињата.
– Користејќи ја детската литература на англиски јазик од библиотеката во Црвен крст Охрид, дечињата учат како да се грижат за книгите, да ги чуваат, изнајмуваат, читаат и враќаат. Преку песничките и друштвените игри се овозможува децата да се дружат меѓу себе и да ги јакнат комуникациските вештини. Покрај програмата за децата, оваа програма е надополнета со организирани дискусиони групи за родители, најавуваат од Црвен крст Охрид.
Уписите започнуваат на 1-ви февруари, а ќе траат до 15-ти февруари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива