Охрид, 26. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, на 9-ти декември, на Градскиот плоштад во Охрид ќе се одржи голем музички спектакл, хуманитарен Rock`N`Mob, односно Хуманитарна Рок Мобилизација на рокери.
Акијата ќе се одржи на иницијатива на младите од Клубот на млади при Црвен крст од Охрид, а во рамки на одбележувањето на патрониот празник на градот „Св. Климент“.
– Предвидено е овој настан да ги соедини на едно место локалните музичари, поединци и групи, професионалци и аматери, кои со своите музички инструменти и гласовни потенцијали ќе се обединат во хуманоста и заеднички ќе изведуваат светски познати музички нумери. Овој музички хепенинг се очекува да привлече бројни наши сограѓани и гости кои уживајќи во музичките изведби ќе можат и да запеат, но и да ја изразат својата хуманост донирајќи во собирните каси на Црвен крст – Охрид поставени на Градскиот плоштад, со што сите заеднички ќе овозможиме предстојните Новогодишни празници да бидат радост и за децата од социјално загрозените семејства и ранливите категории од Охрид и Дебрца. Настанот е целосно поддржан од официјалната Rock`N`Mob организација од Москва, Русија, информираат организаторите.
Додаваат дека бројот на учесници на овој хуманитарен музички спектакал не е ограничен.
– Затоа, не двоумете се, подгответе ги Вашите музички инструменти, освежете ги изведбите на светски познатите музички хитови и дојдете на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, во сабота, 9-ти декември, во 12:00 часот, да се обединеме во ритамот на хуманоста и предводени од охридските музички имиња: „Камелеон“, „The Backdoor Band“, Betty’s Boobs“… и да уживаме во музичката магијата. Воедно, преку овој музички настан, прв од ваков вид на Балканот, овозможуваме уникатна промоција на нашиот град, додаваат во најавата на настанот на Facebook. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива