мај 18, 2021

Белчишта, 18. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Наставниците од ООУ „Дебрца“ реагираат до надлежните дека се единствени на оваа територија кои работат со физичко присуство од прво до деветто одделение, а сепак се’ уште не се вакцинирани.

Тие бараат итна вакцинација, и потенцираат дека сите процедури од нивна страна се испочитувани и дека мора да се стават на приоритетна листа затоа што покрај работата со физичко присуство доаѓаат на работа со организиран превоз, што е дополнителен ризик за нив, нивните семејства, но и за учениците и нивните пошироки семејства.

– Првобитно од МОН побараа списоци кој сака да се вакцинира и општа здравствена состојба на пријавениот, за брзо да побараат списоци на наставници кои предаваат во прво одделение. Следеа списоци доставени до МОН на вработени од второ и трето одделение. Но, бидејќи кај нас е комбинирана настава т.е има наставници кои предаваат и во прво, и второ и трето одделение (ист наставник), па претпоставуваме дека тука настана општ хаос, па од сите вработени од 1 до 3 одделение да повикаат само една наставничка која предава во чиста паралелка (прво одделение, наставничка која предава англиски во истата паралелка и наставникот по ФЗО). Потоа повторно беа препорачани списоци на наставници до 5 одделение за на крај да се пратат списоци на сите наставници до 9 одделени кои сакаат да се вакцинираат, вели за Супер радио и OhridPress директорката Билјана Славевска.

Таа информира дека од вкупно 68 вработени во 10 подрачни училишта, биле повикани само 3 лица, од кои биле вакцинирани само 2.

– Првата недела од април од страна ја МОН добивме допис да дадеме информација за интерес за вакцинацина за наставен кадар над 50 години. После два дена добивме известување да доставиме дополнително интерес за вакцинација за сите вработени со физичко присуство со назнака за тоа кој ќе изведува настава во прво одделение во учебната 2021-2022 година. Следните денови добивме термини само за тројца наставници и до ден денес немаме никаква информација за термин за останатите наставници. Се обративме до МОН уште во неколку наврати со барање да ни дадат насоки и некое известување, но не добивме никаков одговор. По неколку телефонски разговори, од референтот добивме насоки да се регистрираме на порталот vakcinacija.mk, додава Славевска.

Таа потенцира дека денеска се обратила и во вакциналниот пункт во Спортската сала„Билјанини извори“ во Охрид, каде разговарала со претпоставениот, по што и’ било кажано да се обратат до Министерката за образование Мила Царовска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука