март 18, 2023

Струга, 18. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Согласно одржаниот состанок во Владата на Република Македонија, каде јасно се дадоа гаранции за постапување по поднесените Претставки, на 7-ми февруари 2023 година беше извршен Вонреден испекциски надзор од страна на Државен инспекторат за техничка инспекција, во двата каменоломи, информираат од Здружението „Натура лаб“, кои заедно со Месната заедница на селото Лабуништа апелираат да се изнајде решение за актуелниот проблем со каменоломите во овој регион.

– Инспекторатот изврши детално геодетско мерење (со дрон и друга апаратура), како и контрола врз потребната документација (одобренија, согласности и сл.). Од страна на Иснпекторатот беа констатирани неправилностите кои и ние ги тврдевме. Записниците со утврдени неправилности се пратени до Министерство за економија. Моментално за едностран раскин на концесиите потребен е потпис на министерот Крешник Бектеши, информираат од „Натура лаб“.

Додаваат дека е „непознато“ од која причина тоа се“ уште не е направено, но дека е задолжително да се постапува по овој случај.

– На досегашните манипулации дека не може или нема основ за одземање на концесии се стави крај. Нашиот тим води и ќе води секаква правна и теренска битка со сите штетници брз нашето Лабуништа, потенцираат од здружението.

Претставници на Месната заедница на селото Лабуништа и Здружението „Натура лаб“ неодамна остварија средба со Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Артан Груби и министрите Крешник Бектеши и Јетон Шаќири во насока на изнаоѓање решение за актуелниот проблем со каменоломите. Претходно тие се заканија и со бојкот на наставата во основното и средните училишта.

На 29-ти декември 2022 година жителите на ова село излегоа на протест на кој јасно порачаа дека цврсто и заедно стојат на барањето за затворање на двата каменоломи.

– Стоп за каменоломите. Денешниот глас беше глас на народот. Народот кажа НЕ за каменоломи, НЕ за уништувачи на нашето Лабуништа, порачаа на протестите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука