мај 2, 2024

Скопје/Охрид, 2. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Националната комисија на УНЕСКО одржа седница на која беше разгледана актуелната состојба со изградба на хотелски комплекс на туристичкиот локалитет „Горица“ во Охрид.

Членовите на Комисијата донеле заклучоци со барања до Општина Охрид, како надлежен орган, за доставување на целокупната документација околу изградба на предметната локација.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посочила дека со оглед на надлежноста и одговорноста што Комисијата ги има, ова тело не смее да остави простор за изигрување на постојаната законска регулатива, поврзана со заштитата на светското природно и културно наследство.

– Затоа, Националната комија на УНЕСКО побара од Општина Охрид да ја достави целокупната документација поврзана со предметната парцела: урбанистичка документација за предметната градежна парцела (извод од план или урбанистичката документација врз основа на која е планирана оваа градба и со која е оформена градежната парцела), договор и анекси на договорот за отуѓување на градежно земјиште со електоронско јавно наддавање за градежната парцела, одобрение за градење на градбата од градежната парцела, проектна документација за градбата од градежната парцела врз основа на која е издадено одобрението за градење, известување за почеток на градба, дозвола за сеча на шуми согласно закон и сите други документи поврзани со предметната градежна парцела, а биле потребни за реализација на градбата од градежната працела, соопштија од Министерството.

Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што претставниците на надлежните институции, членки на Националната комисија се изјаснија дека немаат никаква документација поврзана со предметот, беше донесен заклучок од Општина Охрид, чиј претставник не присуствуваше на седницата, да биде побарана целокупната документација која датира од 2011 година наваму.

Во воведот на седницата, Костадиновска-Стојчевска посочи дека до надлежните институции од културата не е доставено барање за изработка на планска документација. Исто така за предметната локација не е доставено никакво барање до НУ Завод и Музеј Охрид и не се изготвени заштитно конзерваторски основи (ЗКО).

Проект за изградба на предметната локација не е доставен до надлежните институции од културата бидејќи во тој период не беше донесен План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. По донесување на План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не е доставен проектот ниту до Комисијата за управување со природно и културно наследство на Охридскиот Регион ниту до НУ Завод и Музеј Охрид.

Од Министерството посочуваат дека по добивање на потребната документација и информациите од Општина Охрид, Националната комисија на УНЕСКО ќе се произнесе со свои заклучоци и препораки во однос на изградба на хотелски комплекс на „Горица“. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука