Охрид, 20. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Почнувајќи од април оваа година, охридската јавност е вознемирена од незаконските градежни работи кои, под превезот на проектот за реставрација и конзервација се вршат на Али пашината џамија на влезот од охридската чаршија.
– Како што знаете, објектот е значајно културно наследство, сопственост на Република Македонија, а корисник е Исламската верска заедница. Ние како Здружение во повеќе наврати се обративме до сите институции инволвирани во овој случај и досега за жал, не добивме издржан одговор за текот на постапката во реализацијата на проектот. Од сите дописи и преписки со Заводот за заштита на спомениците и Музеј Охрид, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, Министерството за транспорт и врски и Градежниот инспекторат, јасно е само едно – префрлање на одговорноста од една на друга институција и не преземање на конкретни чекори за запирање на нелегалните активности во и околу Али пашината џамија во центарот на Охрид. Ако се споредат заклучоците, решенијата и другите документи кои ги издале посочените институции видливо е дека тие се контрадикторни и противречат едни на други. На пример: Заводот за заштита од Охрид издава решение за запирање на градежните работи, а Градежниот инспекорат не презема ништо или се прогласува за ненадлежен!!! Ако целата постапка е според словото на законските норми, зошто толкава таинственост и криење на поединци на раководни позиции. Зошто на самиот објект се поставени натписи за забрането фотографирање и кој ги поставил? Одредени камермани веќе имале закани од непознати лица дека ќе им бидат искршени камерите доколку го снимаат објектот. Зошто не се отвори поширока јавна дебата, не само за постапката, туку и за целиот проект. Да видиме дали стручната и пошироката охридска и македонска јавност би се согласила со изградба на минаре од 32 метри во срцето на Охрид, порачаа на денешната прес конференција од Здружението „Совест“.
Додаваат дка документацијата на проектот е за реставрација и конзервација на Али пашината џамија. Тогаш логично се поставува прашањето: Зошто се користат багери и други тешки машини при ваков зафат? Изработувачот на проектот, Заводот за заштита на спомениците и Управата за заштита на спомениците при Министерството за култура, излегуваат со објаснение дека проектот вклучува и реставрација на минарето кое не постои, што значи дека тоа ќе биде ново изградено. Зошто не кажат дека уште од поодамна се направени истражувања кои укажуваат дека под објектот постојат материјални артефакти за постоење на базилика и мозаици врз кои е изградена џамијата. Зошто во целиот проект не е вклучена реставрација и на овие културни слоеви, кои би биле презентирани за јавноста.
– Она што е најинтиргантно во целиот случај е перманентното инсистирање на изградба на минаре, кое како што веќе истакнавме треба да биде со висина од 32 метри, и ќе биде најдоминантниот објект во централното градско јадро. Со ова ќе се измени силуетата на Охрид, сликата за Охрид, со еден збор Охрид ќе се ребрендира. Што сака да се постигне е јасно, но сега и овде нема да навлегуваме во поширока експликација. Само сакаме да се слушне и знае – Охрид не го даваме. Да не заборавиме Охрид е градот на Светите Климент и Наум, на Прличев, Узунов и Патчев. Не сакаме да веруваме дека и денес за охриѓани важат Прличевите зборови „Лицем светци, срцем в’лци“. Ги прашуваме сите архитекти инволвирани во овој случај да објаснат од архитектонски, естетски, културен, социјален или било кој друг аспект да дадат одговор дали ваквата градба му треба на Охрид? Ние сме убедени дека на минарето тука не му место и подготвени сме да ги соочиме нашите аргументи и на јавна дебата со сите оние кои сега се кријат зад името на институциите кои ги претставуваат. Доследни на името на здружението , со чиста СОВЕСТ, ги повикуваме Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, Заводот за заштита на спомениците и Музеј на Охрид, Управата за заштита на спомениците уште еднаш сериозно да го разгледаат целиот случај и да ги спречат нелегалните активности на Али пашината џамија. Иако знаеме дека немаат непосредна надлежност, ги повикуваме градоначалникот на Општина Охрид и посебно советот на Општина Охрид како најодговрни носители на локалната власт да се произнесат за целиот случај, зошто сме убедени дека ако се продолжи со активностите онака како што некој ги замислил изигрувајќи ги законските и ако сакате моралните норми, тоа ќе има далекусежни импликации врз Охрид и охриѓани. Подготвени сме за јавно соочување и повикуваме на широка јавна дебата, во која ќе бидат вклучени и граѓаните на Охрид. Во консултација со правни експерти, серизно размислуваме да поднесеме и соодветни пријави до Народниот правобранител и Државната комисија за спречување на корупцијата. Нашето здружение будно ќе го следи развојот на настаните и перманенто ќе ја известува јавноста за чекорите кои ќе ги преземаме во иднина, порачаа од Здружението на граѓани „Совест“ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридНет