октомври 31, 2014

Скопје, 29. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Уште едно изненадување за главната вечер на овогодинешното издание на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје е музичарот и продуцент Adrian Thaws, на светската сцена повеќе познат како Tricky, кој прв пат ќе настапи на фестивалот, но и воопшто пред македонската публика.

Tricky денес е синоним за трип-хоп музиката и една од клучните фигури во развојот на денешната музика кој важи за врвен мајстор на андерграунд сцената каде музиката е во прв и единствен план. Како продуцент и музичар, тој е препознатлив по неговиот темен, богат и слоевит звук со моќен и уникатен лирски стил. Во својот уметнички израз Tricky спојува различни стилови, особено во неговата музика која е спој на рок и хип-хоп, висока уметност и поп култура.

Својата кариера ја започна на почетокот на деведесттите години на минатиот век како член на британската рап група The Wild Bunch, која подоцна прерасна во Massive Attack. Tricky соработуваше со „Масив Атак“ на нивниот славен деби албум „Blue Lines“, како и на нивното второ издание „Protection“.

Самостојната кариера Tricky ја започна со дебитантскиот сингл „Aftermath“ и мегауспешниот албум „Maxinquaye“.

Денес Tricky зад себе има 11 студиски изданија од кои последниот насловен „Adrian Thaws“ беше објавен во септември годинава. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука