јануари 18, 2017

Охрид, 18. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Голема чест е за нашиот атлетски клуб за признанијата кои ги добија атлетичарите, но по големите заложби и труд, се надевавме на ваков исход, вели Пецо Неданов, спортски работник и тренер во Атлетскиот клуб „Охрид“.

– Нашите млади атлетичари постојано се на врвот, па така очекувано беше да добијат награди од Атлетската федерација на Македонија. Како што е објавено, Славчо Мирчевски е прогласен за најдобар атлетичар на Македонија, додека Мартина Мировска доби признание како младинка. Исто така, постхумно беше доделена награда на нашиот покоен професор Влатко Димитров, за најдобар тренер, додава Неданов.

Охриѓанецот Славчо Мирчевски, во категоријата скок во делечина, од АК „Охрид“ е државен рекордер во својата дисциплина и е прогласен за најдобар атлетичари на Македонија за 2016 година.

Наградата му беше доделени на свеченост што ја приреди Атлетската федерација на Македонија (АМС), која годинава слави седум децении од формирањето.

Мирчевски потенцира дека е благодарен за наградата, но во иднина ќе вложува многу повеќе за развојот на својата кариера.

– Чувството е позитивно, благодарен сум за наградата, затоа што доаѓа по целата макотрпна работа во текот на изминатата година. Во иднина очеувам и подобри резултати од оние кои ги постигнав во 2016, затоа што малку немав среќа со скоковите, а можев многу повеќе. Но, затоа во иднина ќе се стремам кон подобри резултати, дополнува Мирчевски.

Во младинска конкуреција признание како најдобра во 2016-та доби охриѓанката Мартина Мировска, за едно со нејзиниот колега Дарио Ивановски од АК „Работнички“, а за помлади младинци, Бесијана Мустафа (Лирија) и Милан Вељковиќ (Куманово). Во пионерска конкуренција најдобри беа Јана Митовска (Работнички) и Иван Тимчевски (Куманово), а во категоријата помлади пионери, Гала Урдаревска и Владимир Битољану, двајцата од Работнички. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Нова Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука