декември 21, 2021

Скопје/Охрид, 21. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерката за образование и наука во Владата на Република Македонија Мила Царовска вчера изјави дека тринеделниот зимскиот распуст ќе биде во редовниот период, согласно важечкиот календар.

Таа смета дека нема потреба од негово поместување зашто состојбата со Covid-19 и натаму е стабилна. Доколку состојбата драстично се промени поради ризикот со „омикрон” и ако во други сектори се донесат други, како што рече, драстични мерки за ограничување, МОН тогаш има одговорност да ги разгледа тие факти и аргументи и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки што ќе бидат во интерес на учениците и на заштита на јавното здравје.

Во изјава за медиумите, Царовска истакна дека наставата со физичко присуство, која се спроведува од септември како најпосакувано од трите подготвени сценарија, покажува одлични резултати.

Според последните, официјални информации на Министерството за здравство, во текот на последните 24 часа се направени 1.766 тестирања, при што се регистрирани 127 нови случаи на Covid-19. Од нив девет случаи се од Охрид, каде продолжуваат високите бројки на новозаболени.

Моментално во Охрид од Covid-19 во болнички услови се лекуваат 16 пациенти, кои се сместени во старото инфективно одделение во Општата болница, изјави за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука