Абу Даби, 29. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Новак Ѓоковиќ го имаше закажано своето враќање на тениските терени денеска на егзибицискиот турнир во Абу Даби, но за жал такво сценарио нема да видиме откако најдобриот српски тенисер соопшти лоша вест и ги загрижи своите фанови.
Србинот со големо разочарување соопшти дека почувствува нова силна болка во лактот поради кој не настапуваше во изминативе шест месеци, па сега ќе мора да биде подложен на нови третмани и нов процес на рехабилитација кој се уште не се знае колку точно ќе изнесува.
Турнирот во Абу Даби требаше да биде загревање за Ѓоковиќ за првиот грен слем турнир во годината, но сега навистина неизвесно е дали Србинот воопшто ќе може да настапи и на Австралија опен.
– Исклучително сум разочаран што сум принуден да се повлечам од турнирот во Абу Даби. За жал, во последните неколку дена повторно ми се појави болка во лактот и после прегледите, лекарите ме советуваа дека не треба да ризикувам, дека треба да го пропуштам овој турнир и да продолжам со терапиите. Навистина сум многу тажен бидејќи со нетрпение чекав да играм официјални мечеви. Уживав во подготовките и се радував на турнирот во Абу Даби. Останува да ја прифатам оваа ситуација и да ги сочекам резултатите од терапијата со цел што побрзо да се вратам на теренот и да влезам во ритам. Сето ова може да влијае на почетокот на сезоната и планот на турнирите кои го направив, но одлуката ќе ја донесам во наредните денови, – гласи објавата на Новак. (Крај)
извор: Дерби.мк фото: архива