јануари 14, 2017

Охрид, 14. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес православните верници го одбележуваат денот Обрезание Господово.

Во осмиот ден по раѓањето Божествениот Младенец Го донесоа во храмот и според постоечкиот закон во Израилот, како што беше од времето на Авраам, Го обрезаа. Тогаш Му го дадоа името Исус, онака како што и благовестеше на Пресветата Дева архангелот Гавриил. Старозаветното обрезание е предобраз на новозаветното Крштение. Обрезанието на Господ покажува дека Тој на Себе прими вистинско човечко тело а не привидно, како што подоцна учеа еретиците. Уште Господ е обрезан и затоа што сакал да се исполни целиот Закон, којшто Самиот го дал преку Пророците и Праотците.

Откако ја исполни таа заповед од Законот, во Својата Црква Христос ја замени со Крштението. „Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила ниту необрезанието, туку новата твар“ (Гал. 6, 15), објавува апостолот.

Во црковното богослужење овој Господов празник нема ниту претпразненство ниту попразненство. (Крај)

извор: МПЦ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука