Објавена програмата за одбележување на денот на Патронот на градот Св.Климент Охридски

Охрид, 3. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни настани општината и институциите кои го носат неговото име ќе го одбележат 8-ми декември, денот на заштитникот на Охрид, Св.Климент Охридски.

Настаните започнуваат од вторник, 5-ти декември, со премиерата на претставата „Баал“ од Бертолт Брехт, во изведба на Охридскиот народен театар.

Во среда од 18:00 часот концерт ќе одржат учениците од ОМУ „Методи Патче“, а од 19:30 часот во Центарот за култура „ Григор Прличев“ ќе биде свечената приредба по повод патрониот празник на ОУ „Св. Климент Охридски“.

На 7-ми декември во 12:00 часот во големата општинска сала ќе биде промовирана книгата „Слова за Свети Климент Охридски“ од  проф. д-р Димитар Пандев. Од 18:30 часот во Центарот за култура ќе биде отворена традиционалната изложба на фото-клубот „Охрид“, а половина час подоцна и изложбата на роднокрајни ликовни уметници. Во 19:30 часот ќе започене свечената приредба по повод патронатот на охридската гимназија.

На денот на празникот, за 11:00 часот е предвиден поклонение пред моштите на Св.Климент Охридски во црквата на Плаошник, а половина час подоцна и полагање свежо цвеќе на неговиот споменик во основното училиште.

Напладне ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на „Св. Климент Охридски “ на градскиот плоштад. Вечерта од 20:00 часот, во дијамантската сала на хотелот „Инекс“ ќе се одржи свечената академија по повод  Денот на градот Охрид.

Активностите за чествување на патронот на Охрид ќе завршат во сабота, за кога е закажан хуманитарен музички хепенинг (рок-мобилизација во чест на Св. Климент Охридски), во организација на охридскиот Црвен Крст. Настанот е со почеток во 12:00 часот на градскиот плоштад. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

scroll to top