септември 4, 2021

Скопје/Охрид, 4. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од Министерството за образование и наука (МОН) ги објавија листите со примени студенти во студентските домови. Во охридскиот, „Никола Карев“ ќе се сместат 71 студенти.

Резултатите од Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти се однесуваат за сместување за студиската 2021/2022 година, на студентите од втора и повисоките години на студии.

Од МОН истакнуваат дека студентите кои се наоѓаат на објавените листи можат да се вселат во студентските домови по потпишување на договор со домот во кој се примени. Договорот потребно е да го потпишат најдоцна во рок од 10 дена од објавата на резултатите.

Приговорите по однос на резултатите се доставуваат до Министерството за образование и наука („ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје), заклучно со 10-ти септември 2021 година. Аплицирањето за студентите од прва година на студии започнува на 6-ти септември и трае до 24-ти септември 2021 година, а за бруцошите се предвидени 1.249 места во студентските домови. Условите, критериумите и потребните документи за остварување на правото на сместување во студентски дом се наведени во конкурсот.

– Студентите кои ги исполнуваат условите пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови, останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сé до пополнување на истите, но најдоцна до 15-ти ноември 2021 година, велат од МОН. (Крај)

извор: Радио МОФ/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука