февруари 5, 2015

Струга, 05. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО го распишаа конкурсот за интернационалната награда „Мостови на Струга“ 2015, за најдобра дебитантска книга од млад светски автор.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година како дел од интензивната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата 21 март, со цел и на овој начин да се поттикне, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните творечки духовни изрази на човештвото. Секоја година СВП и УНЕСКО заеднички го чествуваат во Париз, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

Досегашни добитници на наградата биле: Ангело В. Суарез (Филипини) 2004, Андреа Коте (Колумбија ) 2005, Маријана Гејде (Руска Федерација) 2006, Мануа Риме (Белгија) 2007, Антонија Новаковиќ (Хрватска) 2008, Усман Сарус (Сенегал) 2009, Сим Кера (Естонија) 2010, Хироши Таниучи (Јапонија) 2011, Франсоа-Ксавиер Мегр (Франција) 2012, Николина Андова Шопова (Македонија) 2013 и Хари Ман (Велика Британија) 2014 година.

Конкурсот трае до 28 февруари, до кога сите ракописи треба да пристигнат на адресата на Струшките вечери на поезијата, или во електронска форма. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука