февруари 7, 2015

Скопје, 07. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Одложување на воведување на државниот испит на факултетите за една година и одложување на сите останати спорни одредби од новиот Закон за високо образование за две години, е предлогот којшто им бил даден на претставниците на студентите, на средбата со премиерот Никола Груевски.

– Постигнавме заемна согласност дека ќе биде одложен Законот. Во поглед на барањата на студентскиот пленум има согласност со тоа што во периодот на дискусија ние постојано ќе ги излагаме своите аргументи и ставови дека одредбите треба целосно да се укинат. Засега одлагањето на Законот претставува голем исчекор за нас, изјави Константин Битраков од Студентскиот пленум.

Пленумот ги организираше трите досегашни протестни маршеви на студентите против измените на Законот за високо образование.

За ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, Велимир Стојковски, средбата е само почеток на барањето решенија за спорните одредби од Законот.

Предлогот – државниот испит на факултетите наместо од 2017 да се применува од 2018-та година, и одложувањето на обврската на професорите за објавување трудови во научни списанија со импакт-фактор, начинот за избор во звања, како и измената на кредит-трансфер системот од 300 на 360 кредити и сите останати набрзина изгласани промени во Законот за високо образование, ќе се најдат на следната седница на Владата, којашто до Собранието ќе испрати Предлог одредба со која се одложува нивната примена.

Одговорот на прашањето – дали ќе се спроведе најавата за окупација на факултетите, во знак на протест против оглушувањето на власта кон студентските барања, претставниците на Студентскиот пленум ја оставија да ја донесат сите студенти.

– Студенти, ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со ПОНУДА. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно!, порача Студентскиот пленум преку социјалните мрежи веднаш по средбата.

Студентскиот пленум, поддржан и од Професорскиот пленум, досега одржа три големи протести во Скопје, но никој од надлежните не ги повика на разговор, а во меѓувреме, Собранието ги изгласа сите измени предложени од Владата. Последниот чекор што беше најавен од студентите беше окупација на универзитетите. (Крај)

извор: ОхридПрес/Глас Америка фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука