јануари 28, 2022

Охрид, 28. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиологија – Охрид ја демантираат најавата која денеска за Супер радио и OhridPress ја даде директорот на охридската Општа болница д-р Горан Балески дека од понедленик во оваа здравствена установа ќе се отвори Ковид оддел.

– Ја информираме јавноста дека за цело време на траење на пандемијата кај нас се лекуваат Акутни кардиолошки состојби и кај пациенти кои во исто време имаа и присутна Ковид зараза. Со навремена реорганизација на просторот и кадарот, создадовме услови овие пациенти да не го загрозуваат здравјето на останатите кардиолошки болни. Последниве недели, работиме со значително зголемен обем како резултат на тоа што за извесен период Катетеризационата лабораторија не беше во функција поради дефект на Ангиографот. Овој проблем сега е надминат, но резултираше со одлагање на извесен број интервенции кои сега забрзано се реализираат. Потсетуваме дека сме Регионален центар за Кардиологија за целиот југозападен регион со Катетеризациона лабораторија која во текот на 24 часа секој ден во неделата решава животозагрозувачки состојби од областа на кардиологијата и тоа за пациентите од Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Ресен, Битола, Прилеп и др. Пред една година во текот на повеќе месеци дел од болницата беше пренаменет и работеше како Ковид центар при што кај нас беа лекувани најкомплексните пациенти од регионот и тоа со исклучителен успех, благодарејќи на пожртвуваноста на сите вработени, реагираат од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиологија – Охрид.

Додаваат дека ценат дека во услови кога капацитетите на Општа болница Охрид (за кои минатата година пред отварањето на модуларната болница имаше официјален податок дека изнесуваат околу 90 легла), во моментот се далеку од исполнети со околу 40 хоспитализирани, неодговорно е да се компромитира работата на нашата болница со отварање на Ковид оддел.

– Со оглед на високата контагиозност на Омикрон сојот, неодговорно е исто така да се прави дисперзија на хоспитализираните во повеќе болници и да се зголемува ризикот од ширење на болеста меѓу хоспитализираните пациенти и персоналот. Остануваме во служба на нашите пациенти со кардиоваскуларни заболувања, спремни да укажеме брза, навремена и квалитетна здравствена грижа, потенцираат од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиологија – Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука