јануари 11, 2022

Скопје/Охрид, 11. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 05-10.01.2022, направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а во 104 од нив (68,4%) е детектирана Омикрон варијантата.

– Омикрон варијантата е откриена во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5,
Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци – по 2 и Виница, Неготино, Битола – по 1, информираат од Министерството за здравство.

Во Охрид моментално има 392 активни случаи на вирусот. За среќа нема многу приеми на ковид пациенти на кои им е потребно болничко лекување, но многу големи се бројките на амбулантски прегледи, дури и по 100-на на ден. Моментално на инфективното одделение се хоспитализирани 14 пациенти со ковид. Директорот на охридската Општа болница, д-р Горан Балески вели дека и меѓу персоналот има заболени од COVID-19, но и од сезонски грип, сепак засега со ротации успеваат да излезат во пресрет на сите пациенти.

На државно ниво, во периодот од 3-ти до 9-ти јануари регистрирани сe 8.308 нови позитивни случаи од сите возразни групи од 35 градови, што е за 3,1 пати повеќе во однос на минатата недела. Пријавени се 946 реинфекции, со зголемување од 7,1 пати во однос на претходната недела. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука