мај 2, 2023

Охрид, 2. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид целосно ги исплати стипендиите за учениците и студентите предвидени во рамки на програмите за основно и средно образование Н1 и Н2 и програмата за социјална и здравствена заштита Т1.

На вкупно 177 ученици во основното образование им се исплатени стипендии во износ од 3.186.000 денари, на 112 ученици од средното образование им се исплатени вкупно 2.016.000 денари а на 31 студент им се исплатени вкупно 837.000 денари. На 40 ученици во основното и средното образование и 4 студенти, лица со посебни потреби и ретки болести им се исплатени стипендии во вкупен износ од 828.000 денари.

Оваа година за првпат воведуваме и нова мерка за поддршка на талентираните ученици и нивните ментори. Општина Охрид покрај стипендиите кои ги доделува за учениците од општинските основни и средни училишта и традиционалното доделување на награди за постигнати успеси по повод 24-ти мај денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ ќе додели и парични награди за учениците од основните и средните училишта во општина Охрид и нивните ментори кои постигнале успеси на државни и меѓународни натпревари на натпреварите во знаење по наставните предмети.

Воведена е и парична награда за првенецот на генерацијата избран од страна на наставничкиот совет на училиштето. За таа цел е донесен правилник во кој точно се утврдени критериумите, начинот и постапката за доделување на наградите кои дополнително го вреднуваат успехот на учениците. Постапката ќе се спроведе во текот на месец јуни во соработка со општинските основни и средни училишта.

Учениците кои постигнуваат успеси се нашиот фокус и секогаш ќе ја имаат нашата поддршка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука