февруари 11, 2015

Охрид, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид поднесе кривична пријава против 47-годишен охриѓанец поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”.

Како што информира полицијата, на осми февруари околу полноќ, кај него е пронајдено огнено оружје пиштол марка „Берета“ кој го држел во футрола на појасот и рамка со 10 куршуми. Пријавениот бил забележан на булеварот „Македонски Просветители“ во близина на градскиот плоштад.

По дополнително извршеното алкотестирање во неговата крв биле утврдени 2,22 промили алкохол. При претрес извршен во неговиот дом, а во присуство на адвокат, полициските службеници пронајдоа една рачна бомба како и вкупно 309 парчиња муниција различен калибар, дел сокриена во пластични и кутии од мобилен телефон, а дел облепени со селотејп лента.

Пронајденото оружје и муниција се одземени и се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

На пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: СВР Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука