јануари 2, 2023

Скопје/Охрид, 2. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за надворешни работи во Владата на Република Македонија Бујар Османи, официјално ја претстави можноста носителите на МКарта да можат да користат fast-track на аеродромите во Скопје и Охрид, при влегување во државата.

Проектот МКарта беше претставен во мај 2021 година, како признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и промоција на Република Македонија во странство.

– Проектот МКарта преставува мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во новата средина во која живеат, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат државата. Забрзаниот премин на нашите аеродроми, кое се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи, претставува симболично препознавање на нивниот труд и квалитет и благодарност на нашите институции и држава, истакна Османи.

Тој додаде дека меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници итн., за кои имаме желба и интерес да бидат дел од нашиот севкупен развој и општествени процеси.

Уште при претставување на проектот МКарта, беше најавено дека во соработка со другите институции, ќе се работи на дефинирање на симболични поволности, како што е слободен влез на културни настани, музеи и галерии, во блиска соработка со Министерството за култура, но и денешното лансирање на забрзан премин на аеродромите во Скопје и Охрид.

Дипломатско-конзуларните претставништва на државата во странство се задолжени да ги детектираат таквите поединци, а изборот кој ќе биде носител на МКарта се реализира во строго предвидена процедура. Досега таква можност добиле 69 наши државјани, припадници на дијаспората. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука