мај 14, 2018

Ерусалим, 14. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во Ерусалим денеска ќе биде отворена новата амбасада на САД во Израел, потег кој предизвика масовни протести на Палестинците.

Датумот на отворањето на амбасадата е внимателно избран за да се поклопи со Денот на Ерусалим, 51-годишнина која Израелците ја нарекуваат обединување на градот по војната во 1967 година.

Се очекува на отворањето да присуствуваат многу странски високи функционери, а од САД ќе присуствуваат ќерката и зетот на американскиот претседател, Доналд Трамп, Иванка Трамп и Џаред Кушнер. Трамп ќе се обрати на присутните преку видео-линк.

Израел го анектираше Источен Ерусалим во 1967 година, а овој потег меѓународната заедница никогаш не го призна. Палестинците сакаат Источен Ерусалим да биде престолнина на нивната идна држава и сметаат дека преселбата на амбасадата на САД од Тел Авив е едностран потег со кој на САД им се одзема титулата посредник за обезбедување на мирот на Блискиот Исток.

По Вашингтон, одлука за преселување на своите амбасади донесоа Гватемала и Парагвај. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука