декември 5, 2019

Охрид, 5. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – По отворањето на центарот во Специјалната болница Св. Еразмо, од денес во охридската Општа болница почна да функционира уште еден центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар.

Центарот е опремен со опрема која во целост ќе ги задоволува потребите на оваа категорија деца во насока на подобрување на психофизичкиот развој и социјализација. Располага со дефектолошки и логопедски кабинети кои се опремени со разновидни дидактички материјали кои се соодветни за потребите на децата, сензомоторна и мултисензорна соба, а персоналот се врвни експерти од оваа област.

– Центарот ќе работи во координација со соодветниот во Скопје, со Граѓанската организација „Во мојот свет“, со Клиниката за психијатрија и Центарот за ментално здравје. Овој центар ќе значи многу за регионот оттаму што корисници на новите капацитети ќе бидат околу стотина пациенти од овој дел на земјата, потенцира на отворањето министерот за здравство, Венко Филипче.

– Нема похумано и поблагородно дело од помагање на децата со потешкотии. Тоа е кауза што треба да ја следиме во животот. Горд сум што бугарската Влада која ја претставувам успеа да ги обезбеди средствата за изградбата на овој центар, додаде министерот за здравство на Бугарија, Кирил Ананиев.

На свеченото отворање присуствуваше и сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Георгиевска која потенцира дека ваквиот центар ќе продонесе за подобрување на здравствената состојба на децата и возрасните пациенти.

Ова е втор регионален центар за рехабилитација на лица со аутизам, АДХД и Аспергер синдром, откако минатиот месец еден беше отворен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“. Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет“.

Реализацијата на проектот е со поддршка на Министерство на здравство, кое со одлука ги отстапи просторите за користење во Општата Болница и болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.

Реконструкцијата и опремувањето на центрите е финансирано од амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука