мај 4, 2023

Охрид, 4. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 18-ти до 22-ри април 2023 година во гратчето Isernia во Италија, се одржа петтата и последна образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Strategies for improving attendance and reducing truancy“ („Стратегии за подобрување присуство и бегање од часови“).

На оваа мобилност присуствуваа претставници од училиштата од сите партнери во проектот: Македонија, Србија, Словенија, Турција и домаќините – Италија.

– Темата на оваа мобилност беа стратегии за предметите биологија и географија, преку размена на искуства за подобри техники и пристап со кои би се зголемила заинтересираноста на учениците по овие предмети, а воедно би се подобрил и квалитетот во наставата. Во рамки на мобилноста од страна на сите учесници во проектот се реализирааа часови во IV и V одделение во училиштето во Carovili. Часовите беа реализирани преку техники за тројна интерактивност, како и со голема соработка и заинтересираност од страна на учениците. Исто така секоја земја учесник имаше презентација за својата национална програма за работа по биологија и географија, како и реализација на наставата по овие предмети во самото училиште. Во текот на престојот во Италија преку предавање од универзитетската професорка Gabriella Sferra од природниот универзитет во Pesche, учесниците во проектот се запознааа со лабораториски стратегии за реализација на наставата генерално, а посебно за предметот биологија. Учесниците на оваа мобилност имаа можност да посетат многу културно-историски знаменитости, музеи, фабрики, како и природни убавини со кои располага овој регион. Во тој контекст беа посетени градовите Рим и Наполи, со сите нивни важни културни обележја, информираат од ОУ „Ванчо Николески“.

Додаваат дека на крајот од мобилноста од страна на домаќините била организирана завршна свечена церемонија на која се доделиле сертификати на учесниците.

– Со реализација на целокупната агенда и цели, се затвори оваа образовна мобилност, а воедно успешно се финализира целиот проект. Направената евалуација покажа дека успешно се реализирани сите цели, а учесниците се стекнаа со нови знаења, корисни искуства, незаборавни впечатоци и пријателства, потенцираат од училиштето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука