Охрид, 15. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот дресер на кучиња Ефто Стојаноски со предлог програма за „Заштита на луѓето од кучешки напади“.
Утре напладне во големата општинска сала Стојаноски ќе ја презентира својата програма. Со неа многу подобро ќе се заштитат и малите деца и бебиња, а истовремено ќе се заштитат и домашните животни и другите кучиња.
– Колку подобра заштита на луѓето од кучешки напади толку подобра заштита и на самите кучиња од масовни труења и убивања, потенцира Стојаноски, кој својата програма ќе ја предложи до Владата на Република Македонија.
На презентацијата ќе може да присуствуваат сите заинтересирани граѓани, како и да поставуваат прашања на оваа актуелна тема.
Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни најчесто се движат во група. Оваа глетка на некој начин како да ни стана нормална. Кучиња се забележуваат и на градскиот плоштад, во стариот дел на градот, низ охридската чаршија и низ улиците во центарот на градот. Охриѓани оправдано се загрижени за својата и безбедноста на своите деца, особено што често пати кучињата се врткаат околу и во училишните дворови.
Оваа ситуација не е од вчера, се провлекува години наназад. На оваа тема имаме пишувано веќе неколку пати, но таа во последно е се поактуелна и загрижувачка, кучињата скитници и натаму „владеат“ со охридските улици.
Во моментов Охрид нема служба за третман на бездомните кучиња и таа што формално постои во рамки на ЈП „Охридски комуналец“ не функционира.
Градоначалникот Јован Стојаноски истакна дека општина Охрид презема почетен план за решавање на долгорочниот проблем со кучињата скитници на доброволна основа, во соработка со Здружението на граѓани „Анималија“. Во исто време ќе се продолжи со проектот за стерилизација, нега и згрижување, а ќе се бара и трајно решение за определување локација за стационар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес