февруари 24, 2023

Охрид, 24. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во охридското „Форт Кафе“ се одржа второто февруарско издание на популарните „Охридски приказни“, овој пат со поетот Славе Ѓорго Димоски.

Се одржа и проекција на документарниот филм посветен на Славе Ѓорѓо Димоски „Поет на мал народ“ од охридскиот режисер Антонио Велјаноски, по што поетот им се заблагодари на домаќините за поканата за учество во проектот.

– Филмот е снимен во 2013 година, го правевме со Антонио, кој беше мој ученик. Јас го почитував како ученик и тој мене како професор. Во тоа взаемно почитување ги баравме врските за тоа што е она уметничкото помеѓу ученик и професор. Уметничкото помеѓу ученик и профсор не е исто со односот ученик и професор, истакна Ѓорго Димоски.

Тој вели дека Охрид има временска длабочина и има временска иднина.

– Охрид е еден културен реактор, имајќи ја во предвид Св. Климентовата школа. Тој реактор зрачи во сите словенски земји и скоро сите словенски јазици произлегуваат од тој Кирило-Методиевски јазик, а традицијата ја држи Св. Климент Охридски во Охрид и токму заради тоа, не случајно тој кога се враќа од Моравија во Охрид ја продолжува нивната традиција преку користење на нивното писмо – глаголицата, вели Ѓорго Димоски во интервјуто кое вчера беше објавено на OhridPress.

Од „Форт Кафе“ со благодарност до него за учеството во проектот.

– Испраќаме благодарност за учеството во „Охридски приказни“ во „Форт кафе“ и прекрасната вечер на безвременскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, порачаа од кафе барот.

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Be 1 Digital Marketing

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука