Охрид, 14. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – OhridPress го започна проектот „Охрид во 10“, во рамките на кој Ви нуди дневна фотографија од Охрид снимена од една точка, која го прикажува во неговата комплетна раскош и убавина.
– Идејата е да го видиме Охрид од една точка на сонце, снег, дожд, по убаво и по лошо време, како потврда за неговата безвременска убавина. Одбравме една точка која е исклучително препознатлива и го прикажува токму онаков каков што е – древен и прекрасен, но во исто време град во кој живеат луѓе кои се нераскинлив дел од светот и модерниот начин на живот. Исто така ќе се регистрираат и најважните настани кои го одбележале секој ден и ќе биде како еден календар на живеењето на градот во 2017-та година. Сакаме на крајот сетоа тоа да го издадеме и во групна – принтана форма, но за тоа на крајот на следната година, велат од Супер радио, кои се носители на проектот.
Охрид во 10 на 14.02.2017 година
Проектот „Охрид во 10“, покрај на Facebook, веќе доби и сопствена веб страна, а фотографиите секој ден ќе бидат објавувани и на информативниот портал OhridPress. (Крај)
инфо: 14.02.2017 година
– Денес свечено ќе биде ставено во употреба новото осветлување во црквата Св. Богородица Перивлепта.
– Од денес во Охрид започнува Обуката на тема: „Обука на обучувачи – Слобода на изразување од чл.10 од Европската конвенција за човекови права“.
– Во Охрид има 144 угостителски објекти, покажуваат резултатите од направениот најнов попис на капацитетите во угостителството, кој го спроведе Државниот завод за статистика.
– Собирачите на народни умотворби забележале бројни обичаи и верувања за празникот Свети Трифун во Охрид.
– Започна втората сезона на проектот „Училишни игри без граници“ во охридските училишта.
– На пазарот на капитал во делот на намалување на хартиите од вредност, Хотели „Метропол“ Охрид бележат пад на акциите за 3,25 %.
– Охрид доминира во полицискиот билтен, неколку лица фатени со дрога, во сообраќајка повредена постара жена.
– Inside Auto, охридскиот дилер на возилата на Citroën, кој под слоганот „Од Citroën со љубов“ организира целодневно бесплатно такси-возење во чест на празникот Св. трифун и Денот на вљубените во соработка со Супер радио.
– Маја и Александар Кироски уживаа во „Совршениот ден“, во чест на празникот Св. Трифун и Денот на вљубените, во организација на охридските „Тамаро“ маркети и „Тиквеш“.