Охрид, 26. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – OhridPress го започна проектот „Охрид во 10“, во рамките на кој Ви нуди дневна фотографија од Охрид снимена од една точка, која го прикажува во неговата комплетна раскош и убавина.
– Идејата е да го видиме Охрид од една точка на сонце, снег, дожд, по убаво и по лошо време, како потврда за неговата безвременска убавина. Одбравме една точка која е исклучително препознатлива и го прикажува токму онаков каков што е – древен и прекрасен, но во исто време град во кој живеат луѓе кои се нераскинлив дел од светот и модерниот начин на живот. Исто така ќе се регистрираат и најважните настани кои го одбележале секој ден и ќе биде како еден календар на живеењето на градот во 2017-та година. Сакаме на крајот сетоа тоа да го издадеме и во групна – принтана форма, но за тоа на крајот на следната година, велат од Супер радио, кои се носители на проектот.
Охрид во 10 на 26.01.2017 година
Проектот „Охрид во 10“, покрај на Facebook, веќе доби и сопствена веб страна, а фотографиите секој ден ќе бидат објавувани и на информативниот портал OhridPress. (Крај)
инфо 26. јануари 2017 година
– До крајот на годинава ќе започне изградбата на новиот театар во Охрид, актерската екипа ќе реализира вкупно четири нови театарски проекти.
– Минатата година во Охрид се случиле 749 кривични дела, а поднесени 380 кривични пријави.
– Културната манифестација Прличевите беседи годинава ќе се одржи на 5-ти февруари, со дополнети содржини и изменет концепт.
– Охридскиот нуркач и подводен археолог Никола Паскали објави ново видео за подводните убавини на Охрид, сработено со Нуркачкиот клуб Bottom time.
– Агенцијата за филм на Република Македонија, годинава во Охрид ќе организира филмска работилница „Мидпоинт“.